Şahin Demir
14 Септември 2026•Ажурирано: 14 Септември 2026
Иран денес соопшти дека планираната средба во Оман, на која требаше да учествуваат министрите за надворешни работи на земјите од Персискиот Залив и на Техеран, е откажана на барање на Саудиска Арабија, пренесува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Бакеи, на прес-конференција изјави дека Ријад побарал средбата засега да не се одржи.
„Точно е дека Саудиска Арабија побара средбата засега да не се одржи“, рече Бакаеи, објави државната новинска агенција ИРНА.
Тој ги отфрли обидите Иран да се поврзе со неодамнешните случувања меѓу Саудиска Арабија и Јемен, наведувајќи дека проблемите на Јемен имаат „долготрајни корени“.
Од Саудиска Арабија засега нема коментар.
Бакеи рече дека се очекувало планираната средба да им пружи можност на Иран и Оман да го претстават договорот постигнат по неколкунеделни преговори во врска со поморските рути во Ормускиот Теснец и улогите на двете земји како крајбрежни држави.
Тој изјави дека Техеран очекувал земјите од регионот да ја „препознаат можноста“ и да ја искористат средбата за да разговараат за создавање безбеден регион без мешање на надворешни актери.
Портпаролот истакна дека договорот меѓу Иран и Оман е финализиран и покрај откажувањето на средбата.
„Во консултација со Оман, ќе одлучиме за следниот чекор и за тоа како да го објавиме или регистрираме овој договор“, додаде тој.
Иран и Оман водеа разговори за привремен аранжман за управување со поморскиот сообраќај низ Теснецот, откако пропадна Меморандумот за разбирање постигнат во јуни меѓу Вашингтон и Техеран за ставање крај на војната што започна во февруари.
САД и Иран се договорија да го продолжат прекинот на огнот од април и постепено да овозможат враќање на поморскиот сообраќај низ Теснецот на нивоата од пред војната, додека водеа преговори за конечно решение.
Во неделата, министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди, објави дека „во интерес на постигнување консензус, регионалната средба закажана за утре во Салала е одложена“.
„Остануваме посветени на поттикнување дијалог што ја поддржува стабилноста и трајната соработка во нашиот регион“, рече тој.