Utku Şimşek
20 Август 2026•Ажурирано: 20 Август 2026
Турска воена делегација не била присутна во сириската воздухопловна база Абу ал-Духур пред или за време на неодамнешниот израелски напад врз објектот, соопшти денес Министерството за национална одбрана на Турција, јавува Анадолу.
„Потврдуваме дека ниту една турска воена делегација не била присутна во сириската воздухопловна база Абу ал-Духур пред или за време на израелскиот напад“, соопшти Министерството како одговор на новинарски прашања по неделниот брифинг за медиумите одржан на бродот „ТЦГ Кочхисар“, во северозападната турска област Коџаели, во рамките на ТЕКНОФЕСТ Сина татковина.
Министерството го опиша израелскиот напад врз воената воздухопловна база како „чин насочен кон нарушување на стабилноста, безбедноста, единството и интегритетот на Сирија, како и на нејзината инфраструктура“.
„Во секоја прилика нагласуваме дека нападите со кои се нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија се неприфатливи“, се наведува во соопштението.
„За мирот и стабилноста и на Сирија и на регионот, од суштинско значење е Израел да стави крај на ваквите непромислени напади и да ги исполни своите обврски согласно со меѓународното право“, додаде Министерството.
Турција ќе продолжи да ги поддржува напорите на Сирија за изградба на нејзината инфраструктура и воениот капацитет според принципот „една армија“, се додава во соопштението.