Beyza Binnur Dönmez
31 Јули 2026•Ажурирано: 31 Јули 2026
Шпанскиот премиер Педро Санчез денес го опиша масовниот прилив на мигранти во шпанската енклава Сеута како напад и повреда на територијалниот интегритет на Шпанија, ветувајќи дека нормалната состојба ќе биде воспоставена што е можно поскоро, јавува Анадолу.
При посетата на Сеута, Санчез изјави дека Владата е солидарна со жителите по приливот на мигрантите, оценувајќи дека станува збор за необичен исклучок од севкупниот тренд на опаѓање на нерегуларните миграции.
„Она што се случи вчера заслужува целосна осуда, најсилно можно отфрлање и осуда на повредата и нападот врз територијалниот интегритет на еден шпански град како Сеута“, рече Санчез.
Шпанскиот премиер наведе дека властите ја забрзуваат обработката на барањата на мигрантите и постапките за враќање на лицата што нерегуларно влегоа во Сеута, додавајќи дека многу од тие мигранти веќе заминуваат.
Тој изјави дека владината комисија за азил се состанала по итна основа за да ги олесни процедурите за депортација.
Санчез исто така вети дека државата ќе ги ангажира сите расположливи ресурси за што е можно поскоро во Сеута да се врати нормалната состојба, нагласувајќи дека заштитата на безбедноста и соживотот во градот се итни прашања.
Според неговите зборови, криминалните мрежи за криумчарење луѓе ја искористиле неодамнешната пресуда на Врховниот суд за враќање на мигрантите на границата, ширејќи преку социјалните мрежи погрешни толкувања што ги поттикнале масовните миграции кон Сеута.
Санчез изјави дека Владата планира да постави пловки во близина на насипот за да се направи видлива физичка бариера.
Тој додаде дека ќе се разгледа дали се потребни законски измени за да се направат постапките за враќање на мигрантите на границата поефикасни.
Шпанскиот премиер исто така рече дека Шпанија тесно соработува со Мароко на забрзување на враќањето на мигрантите и борбата против мрежите за трговија со луѓе, изразувајќи жалење за смртните случаи за време на кризата.
Според првичните процени на безбедносните служби, повеќе од 40.000 мигранти влегоа во Сеута од Мароко во изминатите денови, а поголемиот дел од нив вчера, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Деветнаесет лица загинале при масовните миграции.