Beyza Binnur Dönmez
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго бележи подобрување, при што се намалува бројот на новозаразени и смртни случаи, но вирусот и натаму се шири со големо темпо во делови од провинцијата Итури, соопшти денес Светската здравствена организација (СЗО), јавува Анадолу.
Џенет Дијаз, раководителка на Одделот за безбедна здравствена грижа во Програмата на СЗО за здравствени итни состојби, на брифингот со новинарите во Женева изјави дека бројот на новозаразени се намалил за 20,3 отсто, а бројот на смртни случаи за 24,2 отсто во последните четири недели.
Заклучно со 26 септември во земјата се регистрирани 8.067 потврдени случаи, меѓу кои 3.901 смртен случај и 2.070 оздравени лица, според податоците на СЗО.
Случаи се пријавени во 63 здравствени зони во седум провинции: От-Уеле, Итури, Северно Киву, Јужно Киву, Цопо, Бас-Уеле и Јужен Убанги.
Дијаз рече дека бројот на нови случаи во Итури продолжува „постепено да се намалува“ од достигнувањето на врвот на средината на август, иако но вирусот и натаму се шири со големо темпо. Меѓу жариштата каде што состојбата се влошува се Мандима, Нија Ниja и Монгбвалу.
„Раниот пристап до здравствена грижа може значително да ги зголеми шансите за преживување“, рече Дијаз.
Сепак, таа предупреди дека голем број пациенти и натаму умираат во своите домови или во нивните заедниците бидејќи не успеваат навреме да стигнат до здравствените установи.
„Одложувањето на барањето медицинска помош, заедно со предизвиците во пристапот и упатувањето на пациентите, продолжува да го отежнува одговорот на епидемијата“, рече таа.
Дијаз, исто така, ја нагласи важноста од сигурен пристап до кислород, опишувајќи го како „основен лек што спасува животи“ за пациентите со ебола, особено за оние со тешка клиничка слика.