Burç Eruygur
12 Август 2026•Ажурирано: 12 Август 2026
Русија и Украина повторно се обвинија меѓусебно за воздушни напади во текот на ноќта, во кои, според локалните власти во двете земји, загинале најмалку четири лица, пренесува Анадолу.
Андреј Кравченко, градоначалник на рускиот пристаништен град Новоросијск, изјави дека едно лице загинало во текот на ноќта во украинскиот напад со беспилотни летала, при што била оштетена цивилна инфраструктура.
„Повеќето пожари предизвикани од паднатите остатоци се изгаснати. Итните и оперативните служби продолжуваат да работат на терен“, напиша Кравченко на руската платформа за социјални медиуми „Макс“.
Гувернерот на Краснодар, Венијамин Кондратјев, соопшти дека осум лица биле повредени во нападите во регионот каде што се наоѓа Новоросијск. Била предизвикана штета и во други населени места во регионот, меѓу кои Волна, Анапа и Геленџик.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана на земјата соборила 502 украински беспилотни летала над седум региони, меѓу кои Краснодар, како и над Црно Море и Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
Локалните власти во украинскиот јужен пристаништен град Одеса соопштија дека во руските напади во текот на ноќта била оштетена станбена зграда.
„За среќа, во текот на ноќниот напад нема жртви. Една станбена зграда е уништена. Комуналните служби брзо го исчистија подрачјето и ги затворија сите прозорски отвори“, објави Сергиј Лисак, началник на Воената администрација на градот Одеса, на Телеграм.
Гувернерот на Запорожје, Иван Федоров, соопшти дека едно лице загинало, а осум биле повредени во нападите врз југоисточниот регион во изминатото деноноќие. Тој наведе дека во текот на ноќта бил погоден трговски центар во една од станбените области на Запорожје, при што избувнал пожар.
Гувернерот на Херсон, Олександар Прокудин, соопшти дека две лица загинале во руските напади врз централниот округ на административниот центар на јужниот регион.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека украинската противвоздушна одбрана соборила 112 од вкупно 138 беспилотни летала лансирани од Русија. Исто така, тие тврдат дека биле лансирани балистичка ракета „Искандер-М“, противрадарска ракета Х-31П и неопределен број наведувани крстосувачки ракети Х-35.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека погодило складиште за гориво и мазива во Одеса, за кое тврди дека ги снабдува со гориво украинските вооружени сили.