Rabia İclal Turan
18 Јуни 2026•Ажурирано: 18 Јуни 2026
Неколку републикански сенатори го критикуваа Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, кој има за цел да ја прекине четиримесечната војна и повторно да го отвори Ормускиот Теснец, предупредувајќи дека договорот содржи значителни отстапки и би можел да ги загрози безбедносните интереси на САД, јавува Анадолу.
„Реган се превртува во гробот“, напиша републиканскиот сенатор Бил Касиди од Луизијана на американската компанија за социјални медиуми Х, откако американските официјални лица го објавија текстот на меморандумот од 14 точки, што вчера беше електронски потпишан од претседателите на двете земји.
„Амбициите за нуклеарно оружје на Иран не се потиснати. Со ова тие сфатија дека заканите по Ормускиот Теснец даваат резултат, што несомнено ќе го искористат како механизам за уцена во иднина. Како резултат на овој договор, на Иран сега му се овозможува да изгради целосно нова инфраструктура“, изјави Касиди.
„Пред војната, Теснецот беше отворен за пловидба, Иран беше под притисок на жестоки санкции, а 13 наши војници беа живи. Сега, 13 Американци го загубија животот, граѓаните платија милијарди повеќе за гориво, санкциите се укинуваат, а бомбардирањата запреа“, истакна тој.
Републиканскиот сенатор Тед Круз од Тексас за конзервативниот медиум „Дејли вајр“ изјави дека се надева дека ќе види повеќе детали, но истакна дека елементите кои моментално се јавно достапни изгледаат „непромислено“.
„Историјата нè учи дека е погрешно да им се препуштаат милијарди долари на радикални теократски режими кои се стремат кон наше уништување“, изјави Круз.
Сенаторот Линдзи Греам првично изрази резервираност, но подоцна, по разговорите со американските официјални лица, изјави дека повторното отворање на Ормускиот Теснец и прекинот на непријателствата би можеле да бидат корисни.
„Сè уште е неизвесно дали Соединетите Американски Држави ќе успеат да постигнат прифатлив договор со Иран за нуклеарната програма и останатите отворени прашања, кој ќе може и да се верификува, но сметам дека нема штета во тоа да се направи обид“, напиша тој на американската компанија за социјални медиуми Х.
„Економската стабилност што произлегува од отворањето на Теснецот и прекинот на непријателствата би можело да создаде патека кон мир што ги надминува рамките на иранскиот конфликт“, додаде тој.
САД и Иран вчера електронски потпишаа Меморандум за разбирање, објавија официјални лица од двете земји.
Нацрт-договорот од 14 точки, кој американските власти го објавија вчера, повикува на итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан, укинување на поморската блокада на Иран во рок од 30 дена и безбеден премин за комерцијалните бродови низ Ормускиот Теснец.
Тој исто така вклучува план за обнова и економски развој на Иран во вредност од најмалку 300 милијарди долари, укинување на ограничувањата за извоз на нафта, ослободување на замрзнатите средства на Иран и повторна потврда од Техеран дека нема да развива нуклеарно оружје, додека за иднината на неговите залихи на збогатен ураниум дополнително ќе се преговара.