Операциите за пребарување и спасување, поддржани со хеликоптери и беспилотни летала, продолжија денес откако бројот на загинати во разорните ненадејни поплави по должината на границата меѓу Непал и Кина се искачи на 362, а над 1.300 лица сè уште се водат како исчезнати, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Непалската полиција потврди 359 смртни случаи и соопшти дека 826 лица се водат како исчезнати, меѓу кои туристи, странски државјани, цивилни службеници, војници, полицајци и локални жители, објави „Катманду пост“.
Премиерот на Непал, Бален Шах, денес, исто така, го посети Бидур, во областа Нувакот, за да направи увид на состојбата на погодените подрачја.
Според Непалскиот туристички одбор, повеќе од 650 странски и домашни туристи се водат како исчезнати на непалската страна од границата.
Меѓу нив 65 се од САД, 53 од Украина, 51 од Малезија, 35 од Австралија, 33 од Велика Британија, 25 од Канада, по девет од Сингапур и Јужна Кореја и осум од Германија.
Индиската Влада денес соопшти дека со 288 нејзини државјани е изгубен контактот на непалската страна по природната катастрофа.
Властите во Пекинг потврдија три смртни случаи и соопштија дека 558 лица и натаму се водат како исчезнати во Тибет, кој Пекинг го идентификува како Автономен Регион Сизанг.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џиан изјави дека меѓу исчезнатите има 260 странски државјани.
Кинеското Министерство за надворешни работи, исто така, соопшти дека 100 кинески државјани се водат како исчезнати на непалската страна од границата поради ненадејни поплави.
- Комуникациите се во прекин -
Непалската Влада ги прогласи Расува, Нувакот и Дадинг за „подрачја на кризна состојба поради катастрофа“ во период од три месеци.
Националната управа за намалување и управување со ризици од катастрофи ги повика операторите со хеликоптери и беспилотни летала да ги координираат спасувачките напори со окружните администрации, безбедносните агенции и локалните власти.
Исто така, им препорача на заглавените жители да палат огнови и да создаваат чад за да ја сигнализираат својата локација.
Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, Рандир Џајсвал, им рече на новинарите дека меѓу исчезнатите Индијци има 73 државјани кои работат на хидроенергетскиот проект „Тришули-1“.
„Комуникациските линии во таа област се целосно прекинати и поради тоа беше тешко да се стапи во контакт со луѓето на терен“, рече Џајсвал.
- Распоредени војници и хеликоптери -
Најверојатно поплавите биле предизвикани од одвојување на голем дел мраз од глечер на Хималаите, околу 20 километри североисточно од граничниот премин Расува-Расувагади, според сателитските снимки на кои се повикува весникот „Хималајан тајмс“.
Уривањето предизвикало тони мраз и карпи да паднат во реката Ботекоши, објави весникот.
Непалската Армија распореди стотици војници и други воени средства, вклучително и хеликоптери, за воздушна евакуација на луѓето на безбедно.
Областа Читван, во покраината Багмати, забележала најголем број смртни случаи, 64, по што следуваат Дадинг со 27 и Источен Навалпараси со 22.
Непалската полиција соопшти дека 28 полицајци, исто така, сè уште се водат како исчезнати.
Според првичните извештаи, поплавите уништиле 19 мостови и делница од 40 километри од клучен автопат, со што биле прекинати транспортните врски и биле отежнати спасувачките напори.
Непалскиот министер за надворешни работи, Шисир Канал, изјави дека поплавите предизвикале „екстремна штета“ во неколку области, предупредувајќи дека се достапни само прелиминарни информации.
Тој повика на зголемена внимателност покрај бреговите на реките Ботекоши и Тришули, во областите Нувакот, Дадинг, Горка и Читван, каде што ризиците остануваат високи.
- Тројца загинати и 558 исчезнати во Тибет -
Најмалку три лица загинале, а 558 сè уште се водат како исчезнати во кинескиот округ Ѓиронг по катастрофата предизвикана од свлечиште, објавија кинеските државни медиуми.
Свлечиштето го погодило пристаништето Ѓиронг во југозападниот дел на Автономниот Регион Сизанг, попознат како Тибет, објави денес новинската агенција „Синхуа“ со седиште во Пекинг.
Во погодениот регион денес е испратена раководна група на Кинеската народноослободителна армија за да ги координира заедничките спасувачки операции на воениот персонал.
Граничниот премин Ѓиронг е главен премин за туристите и сообраќајот меѓу Кина и Непал.
Компанијата „Стејт грид Сизанг електрик пауер“ подготвува резерви за итно снабдување со електрична енергија во градот Ѓиронг, се наведува во извештајот.
Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби и Националната противпожарна и спасувачка администрација испратиле повеќе од 100 пожарникари и спасувачи во подрачјето погодено од катастрофата.
Првиот чартер-авион со спасувачки тим пристигнал на аеродромот во градот Шигаце рано утринава.