Tarek Chouiref
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Катарските посредници ќе им ги претстават на САД новите идеи, за кои се разговараше со Техеран, за тоа како да се исполнат условите на Иран за повторно отворање на Ормускиот Теснец, изјави доцна синоќа иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, додавајќи дека конечниот одговор од Вашингтон би можел да пристигне денес, јавува Анадолу.
Обраќајќи им се на иранските новинари во Њујорк, Аракчи рече дека повторно се сретнал со катарските посредници и разговарал за можни начини да се олесни спроведувањето на условите на Техеран.
„Тие имаа идеи и разговаравме за тоа како да се најде начин да се излезе во пресрет на условите на Иран и како тие услови да се исполнат“, рече тој, објави државната новинска агенција ИРНА.
„Идеите сега ќе бидат претставени пред американската страна, по што конечниот одговор од Вашингтон ќе му биде пренесен на Техеран“, рече Аракчи.
„Се надевам дека тоа ќе се случи до утре“, додаде тој.
Аракчи изјави дека ќе замине од Њујорк за Техеран во текот на наредните часови и дека катарските посредници ќе го пренесат одговорот од САД штом тој ќе биде достапен.
Тој рече дека комуникацијата преку катарските и пакистанските посредници останала отворена, но станала посериозна по најновиот предлог на Иран.
Аракчи наведе дека Техеран ги искористил и средбите во Њујорк за да им ги пренесе на Вашингтон и на меѓународната заедница условите за кои тврди дека мора да бидат исполнети за повторно отворање на Ормускиот Теснец.