Kanyshai Butun
27 Ноември 2026•Ажурирано: 27 Ноември 2026
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека Украина ги координира нападите врз руските бродови со земјите чии територијални води или инфраструктура се вклучени во операциите, пренесува Анадолу.
„Нашите дипломати комуницираат со колегите од други земји секогаш кога дејствуваме во одредени води – без разлика дали станува збор за меѓународни води или за води во близина на инфраструктура на друга држава“, изјави тој за Би-би-си.
Зеленски рече дека Украина ги смета ваквите напади за „легитимен“ одговор кон руските пловила што превезуваат оружје или пловат под руско знаме, особено оние што се под санкции.
„Ние сме свесни кога некое пловило е под санкции – или, во најлош случај, кога не само што е санкционирано, туку и превезува руско оружје и плови под руско знаме“, рече тој, нагласувајќи дека украинските сили нема да дозволат руските бродови да ја напаѓаат Украина или да превезуваат оружје.
Тој ја даде изјавата откако пред зори во неделата поморски беспилотни летала погодија руски воен брод закотвен во пристаништето Бенгази, при што загинаа двајца поморски офицери. Подоцна дента во друг напад цел беше и еден товарен брод во близина на брегот на Бенгази.
Во вторникот Зеленски потврди дека Украина стои зад овие два напада, наведувајќи дека украинските сили ја потопиле руската корвета „Меркуриј“ и го погодиле товарниот брод „МВ Ангара“, за кој тврди дека Москва го користела за транспорт на оружје.
Прашан за критиките од Италија во врска со нападот врз рускиот брод во либиско пристаниште, Зеленски ги призна ризиците, но нагласи дека украинските сили не спроведуваат такви операции без координација со партнерите.
„Ваквите дејства сами по себе се многу опасни; сепак, мора да нагласам дека нашите сили никогаш не изведуваат напади без координација со нашите партнери“, рече тој.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха вчера изјави дека изразил жалење поради „несаканите последици“ од нападите со беспилотни летала, за време на телефонскиот разговор со вршителот на должноста министер за надворешни работи на Либија, Тахер ал-Баур.
Сибиха ја потврди поддршката на Украина за суверенитетот и територијалниот интегритет на Либија, како и подготвеноста за продлабочување на билатералната соработка во областите на здравството, безбедноста на храната, трговијата и други сектори.
„Му објаснив на мојот колега дека ниедна акција на Украина никогаш не била насочена против Либија или либискиот народ, туку исклучиво против руски воени објекти што директно ѝ служат на војната на Русија против Украина; изразив жалење за ненамерните последици и упатив искрено сочувство до либискиот народ“, изјави Сибиха.
Либија е поделена меѓу две ривалски администрации: едната, предводена од премиерот Абдул Хамид Дбеибе во Триполи, која го контролира западниот дел од земјата и другата, назначена од Претставничкиот дом на почетокот на 2022 година, предводена од Осама Хамад со седиште во Бенгази, која управува со источниот дел и поголем дел од југот.