Tarek Chouiref
31 Јули 2026•Ажурирано: 31 Јули 2026
Висок официјален претставник на Хамас денес изјави дека палестинската група нема да преземе никакви чекори кон разоружување пред израелските сили да се повлечат од Појасот Газа, јавува Анадолу.
Гази Хамад, член на преговарачката делегација на Хамас, рече дека прашањето за разоружување е поврзано со повлекувањето на Израел од Газа и обновата на територијата.
Во изјава за телевизискиот канал Ал Џезира со седиште во Катар, Хамад рече дека Израел ќe нема улога во процесот на разоружување, а би бил спроведен од палестински национален комитет.
Тој нагласи дека Хамас нема да спроведе никакви мерки за разоружување доколку Израел прво не ги исполни своите обврски според договорот.
Хамас ги опиша преговорите како „тешки и макотрпни“, наведувајќи дека се стремел да обезбеди најдобар можен исход, останувајќи посветен на заштитата на правата на палестинскиот народ.
Исто така, тој им се заблагодари на Египет, Катар и Турција за нивните посреднички напори во постигнувањето на договорот.
Изјавите на Хамад следуваа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за целосно разоружување на Хамас и другите вооружени групи во Газа, при што израелските сили треба да се повлечат во фази како што напредува процесот.
Трамп им оддаде признание и на Египет, Катар и Турција за помошта во посредувањето во она што го опиша како „историски пробив“, наведувајќи дека договорот ќе се спроведува постепено. Според него, Меѓународните сили за стабилизација ќе работат заедно со новата палестинска полициска сила за да ја преземат одговорноста за безбедноста во Газа.
Во израелската геноцидна војна против Газа загинаа повеќе од 73.000 Палестинци, повредени се над 174.000, повеќето од нив жени и деца, а уништени се околу 90 отсто од инфраструктурата на енклавата.
Прекинот на огнот беше посредуван во рамките на планот од 20 точки на Трамп за Газа, над кој надзор врши Одборот за мир, со кој тој претседава.
И покрај прекинот на огнот што стапи на сила на 10 октомври 2025 година, Израел продолжува со секојдневните напади низ Газа, при што се убиени 1.214 Палестинци и повредени се 3.977, претежно жени и деца, а предизвикано е значително уништување.