Saadet Gökce
31 Јули 2026•Ажурирано: 31 Јули 2026
Бројот на загинати во силниот земјотрес што денес ја погоди јапонската југозападна префектура Кумамото на островот Кјушу се искачи на 35, соопштија денес властите на префектурата, пренесува Анадолу.
Сепак, сè уште не е официјално потврдено дека сите смртни случаи се директна последица на земјотресот, објави јавниот сервис НХК.
Бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми додека продолжува потрагата по преживеани.
Денес попладне истекува критичниот 72-часовен рок за спасување преживеани.
Јапонската метеоролошка агенција го регистрираше земјотресот во вторникот со магнитуда од 7,1 степен, а Геолошкиот топографски институт на САД (УСГС) и германската сеизмичка мрежа ГЕОФОН го проценија на 6,8 степени.
Во потресот се регистрирани максимални 7 степени на јапонската скала за сеизмички интензитет, што е највисоко ниво.
Според УСГС, земјотресот се случил на длабочина од 10 километри во 16:27 часот по локално време, на околу 5 километри источно од Уто во префектурата Кумамото.
По главниот потрес имаше стотици помали земјотреси.
Во градот Хикава, кој има население од околу 10.000 жители, повеќе од 120 куќи и згради се целосно уништени.
Во градот Кашима, кој е оддалечен околу 20 километри, продолжуваат операциите за спасување во трговскиот центар „Еон мол Кумамото“.
Трговскиот центар беше тешко оштетен од експлозија, за која се верува дека била предизвикана од истекување гас, околу 80 минути по земјотресот.
Од спасените лица на локацијата, седуммина подоцна починаа, а петмина се повредени.
Сè уште не е утврдена точната причина за експлозијата.
На друга локација, која беше тешко оштетена, се урна оџак во фабриката на „Нипон пејпер индустрис“ во градот Јацуширо.
Единаесет лица кои беа заглавени во фабриката, се спасени, но деветмина од нив подоцна починаа.
Јапонија е меѓу земјите во светот што се најподложни на земјотреси бидејќи се наоѓа покрај пацифичкиот Огнен прстен, подрачје каде што се случуваат околу 20 отсто од сите земјотреси во светот со магнитуда од 6 или поголема.