Shpetim Hiseni
27 Август 2026•Ажурирано: 27 Август 2026
Денес во Скопје беше потпишан договор за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Северна Македонија - Србија, јавува Анадолу.
Договорот го потпишаа директорот на АД „Номагас“, Недим Рама, и директорот на „Рапид билд“, Тони Каранфиловски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Рама рече дека по спроведената постапка за избор на изведувач, за најповолна е избрана понудата на „Рапид билд“, во вредност од 29,4 милиони евра.
Станува збор за договор по принципот клуч на рака, според моделот FIDIC, кој ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба, информираше Рама по потпишувањето.
Во меѓувреме, премиерот Мицкоски рече дека со изградбата на интерконекторите со Грција и Србија, државата добива целосна вертикална енергетска поврзаност.
„Овие проекти имаат огромно регионално, па и би рекол пошироко геостратешко значење, и јас низ таа оптика го гледам и овој проект, оваа цевка којашто треба да ја поврзе Македонија со Србија“, изјави Мицкоски.
Македонскиот дел од интерконекторот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Почетната точка ќе биде кај блок-станицата „Клечовце“, а крајната точка на границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Во рамки на проектот ќе бидат изградени и пет придружни објекти: главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици.
Предвидениот технички капацитет на гасоводот е до 160.000 кубни метри гас на час, со можност за двонасочен тек, а целосната реализација на проектот е предвидена до четвртиот квартал на 2028 година.