Ahmet Esad Şani, Beril Çanakcı
09 Ноември 2026•Ажурирано: 09 Ноември 2026
Во Истанбул вчера започна 14. Филмски фестивал на Босфорот, кој во текот на една недела ќе ги обедини филмските автори и љубителите на кинематографијата преку меѓународни проекции, натпреварувачки програми и специјални настани, јавува Анадолу.
Фестивалот беше отворен во историското кино „Атлас“ со проекција на „Дива: Ум Култум“, биографски филм за легендарната египетска пејачка.
Фестивалот, организиран од Фондацијата за култура и уметност „Босфор“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Турција, до 15 ноември ќе прикаже повеќе од 60 филмови, меѓу кои играни, документарни и кратки филмови од Турција и од странство.
Претседател на жирито на меѓународната натпреварувачка програма за играни филмови е истакнатиот ирански режисер Маџид Маџиди, познат по филмот „Децата на рајот“, номиниран за Оскар.
Во изјава за Анадолу, Маџиди ја истакна важноста на филмските фестивали во време на сè поголемата популарност на дигиталните стриминг-платформи, нагласувајќи дека тие помагаат киното да остане живо, а истовремено ги поврзуваат филмските автори и публиката од различни култури.
„Тука се среќаваат различни идеи и култури, што дава голем придонес за развојот на светската кинематографија“, рече тој.
Програмата вклучува и специјални проекции, меѓу кои и филмот „Деца на сонцето“ на Маџиди, како и филмови што ги истражуваат искуствата на Палестинците во Газа.
На 9 ноември Маџиди треба да одржи мастерклас, а меѓу останатите настани на фестивалот се и работилници за пишување филмски сценарија и панел-дискусии.
Проекциите ќе продолжат во неколку киносали низ Истанбул до 15 ноември.
Целосната програма е достапна на www.bogazicifilmfestivali.com.
Анадолу е глобален комуникациски партнер на фестивалот.