Aysu Biçer
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Папата Лав XIV предупреди дека човештвото ризикува да стане „жртва на сопствените пронајдоци“ со оглед на тоа што вештачката интелигенција (ВИ) напредува со сè поголема брзина, пренесува Анадолу.
Обраќајќи им се на членовите на Меѓународниот институт за административни науки, папата ги повика истражувачите да им помогнат на јавните власти да се справат со растечкото влијание на дигиталните технологии врз општеството, објави денес „Ватикан њуз“.
„Брзината со која се развиваат иновациите во вештачката интелигенција“, рече тој, „нè поттикнува да се запрашаме дали во иднина ќе можеме да ги контролираме овие машини и дали човештвото ризикува да стане жртва на сопствените пронајдоци.“
Тој рече дека ова прашање би можело да влијае врз сите сфери на општествениот живот и повика на поголемо внимание кон зачувувањето на човечката улога во носењето одлуки.
„Еден од сериозните проблеми денес“, предупреди папата Лав, „е фактот што одлуките поврзани со човечкиот живот им се доверуваат на машините.“
Папата ги пофали напорите за потврдување на „незаменливата природа на човечката интелигенција наспроти овие технолошки алатки“.
Тој исто така повика на воспоставување етичка рамка што ќе го регулира развојот и употребата на ВИ и другите дигитални технологии.
Папата Лав рече дека ваквите технологии сè повеќе се концентрираат во рацете на големите економски и технолошки субјекти, додека владите се соочуваат со тешкотии во воспоставувањето ефикасен надзор.
Тој ги повика членовите на институтот да го продолжат своето истражување „за да ги пронајдат начините и средствата со кои ќе придонесат кон јавната администрација за похуманизирање на дигиталните технологии, така што тие ќе му служат на животот и мирот“.
Тој рече дека соочувањето со предизвиците што ги носи технологијата е од суштинско значење, бидејќи тие „директно влијаат врз нашиот начин на живот и проникнуваат на секое ниво од општествениот живот“.