Париз – град на светлината, историјата и уметноста што ги привлекува туристите од целиот свет
- Секоја година милиони туристи пристигнуваат во градот на бреговите на реката Сена за да ги посетат неговите познати знаменитости, музеи и историски квартови, но и да ја почувствуваат атмосферата на градот
Aida Cako
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
photo: Aida Cako / AA
ПАРИЗ
Француската престолнина Париз, позната како градот на светлината, со богатата историја, архитектура, уметност и препознатлива атмосфера, е меѓу најпосетуваните туристички дестинации во светот, пишува Анадолу.
Секоја година милиони туристи пристигнуваат во градот на бреговите на реката Сена за да ги посетат неговите познати знаменитости, музеи и историски квартови, но и да ја почувствуваат атмосферата на градот што со векови ги инспирира уметниците, писателите и патниците.
Меѓу најпознатите симболи на Париз е Ајфеловата кула, една од најпрепознатливите градби во светот што нуди панорамски поглед на француската престолнина.
Фотографија : Aida Cako/AA
Туристичката обиколка на Париз речиси е незамислива без музејот Лувр, еден од најпознатите и најпосетуваните музеи во светот. Љубителите на уметноста може да ги посетат и музејот Орсеј, познат по богатата колекција на дела од импресионизмот, како и музејот Оранжери, каде се изложени познатите „Водени лилјани“ на Клод Моне.
Во градот има голем број музеи и галерии посветени на сликарството, скулптурата, модата и современата уметност.
Посебен дел од доживувањето на Париз се неговите паркови и градини. Градините Тилери и Луксембуршката градина претставуваат место за одмор од градската динамика, а паркот Шан де Марс е едно од омилените места за посетителите поради погледот кон Ајфеловата кула.
Фотографија : Aida Cako/AA
Меѓу неизоставните точки на туристичката мапа е и Триумфалната капија, која се наоѓа на плоштадот Шарл де Гол, на крајот од познатата авенија Шанзелизе.
Посетителите може да изберат различни туристички тури, меѓу кои панорамски автобуски обиколки, пешачки тури низ историските квартови и пловење по реката Сена. Крстосувањето овозможува дел од најпознатите париски знаменитости да се видат од поинаква перспектива, особено во вечерните часови кога градот е осветлен.
Посебно место има и катедралата „Нотр Дам“ на островот Сите, во историскиот центар на Париз. Со готската архитектура и богатата историја таа е едно од најзначајните обележја на француската престолнина.
Фотографија : Aida Cako/AA
Париз е познат и како една од светските престолнини на модата, но и по гастрономијата, а малите пекарници, кафулињата и рестораните се неизоставен дел од доживувањето на градот.
Меѓу омилените места на посетителите е и Монмартр, кварт познат по уметничката традиција, тесните улици и многубројните кафулиња. На неговиот врв се наоѓа базиликата „Сакре Кер“, од каде што има панорамски поглед на Париз.
Со спојот на историјата и современиот живот, уметноста и архитектурата, Париз продолжува да остава впечаток и по заминувањето од неговите улици, привлекувајќи посетители од сите делови на светот.
Париз – град на светлината, историјата и уметноста што ги привлекува туристите од целиот свет