Ayhan Şimşek
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
Плановите на „Фолксваген“ за одбранбено партнерство со израелската компанија „Рафаел“ се блокирани од катарските инвеститори во германскиот производител на автомобили, објавија медиумите денес, јавува Анадолу.
Државниот инвестициски фонд на Катар, кој е трет по големина акционер во Фолксваген, го отфрли предлогот на раководството за производство на компоненти за ракети и воени возила во фабриката на компанијата во Оснабрик, објави весникот „Билд“.
Предлогот предизвика значителни контроверзии во Германија. Вработените во „Фолксваген“, мировните активисти и опозициските политичари го критикуваа планот, тврдејќи дека производителот на автомобили треба да се фокусира исклучиво на цивилно производство.
„Мировната иницијатива Оснабрик“ (OFRI) во изминатите месеци организираше повеќе протести со барање „Фолксваген“ да се откаже од какви било договори со одбранбениот сектор.
Овој потег уследи откако извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блуме, во март најави прекин на производството на возила во фабриката во Оснабрик од 2027 година, потврдувајќи истовремено дека се водат преговори со неколку одбранбени фирми за нејзина пренамена за воени цели. Блуме тогаш не изнесе дополнителни детали.“
Германската опозициска партија Левица ја нарече планираната соработка на Фолксваген со израелската државна компанија „Рафаел адвансд дифенс системс“„неприфатлива“, повикувајќи се на актуелните воени кампањи на Владата на Нетанјаху низ Блискиот Исток, обвинувајќи ја за воени злосторства и геноцид врз Палестинците во Газа.