Şeyma Erkul Dayanç
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
Белгија регистрираше 1.747 смртни случаи повеќе од очекуваното за време на топлотниот бран што траеше од 18 јуни до 1 јули, со што ова е најсмртоносниот топлотен бран во земјата откако се следи зголемената смртност од 2000 година, соопшти белгискиот здравствен институт „Шенсано“, јавува Анадолу.
Валонија ја забележа највисоката стапка на зголемена смртност од 76 отсто, а по неа се Брисел со 60,9 отсто и Фландрија со 31,4 отсто.
Од институтот наведуваат дека сè уште не е јасно зошто зголемената смртност била повисока во Валонија.
Најсмртоносниот ден од топлотниот бран беше 27 јуни, кога зголемената смртност достигна 146,5 отсто, што претставува 641 дополнителен смртен случај.
Од „Шенсано“ истакнуваат дека топлотниот бран имал значително влијание и врз лицата помлади од 65 години, кај кои стапката на зголемена смртност достигнала 61,3 отсто, односно 280 починати повеќе од очекуваното.
„Ова покажува дека ефектите од горештините можат да влијаат врз секого“, соопшти здравствениот институт.
Според „Шенсано“ станува збор за „исклучителен“ топлотен бран и најтежок, како во процентуална смисла, така и во апсолутни бројки, откако институтот почнал да ја следи зголемената смртност во 2000 година.
Како фактори што придонеле за високата смртност, институтот ги посочи долготрајноста на топлотниот бран, континуирано високите температури и покачените нивоа на озон во воздухот.