Darren Lyn
07 Август 2026•Ажурирано: 07 Август 2026
Американскиот конгресмен Енди Оглс вчера ги загуби републиканските прелиминарни избори во сојузната држава Тенеси од противникот Чарли Хечер, и покрај тоа што ја имаше поддршката од американскиот претседател Доналд Трамп, што претставува редок изборен пораз за кандидат поддржан од Трамп, јавува Анадолу.
„Асошиејтед прес“ го прогласи Хечер за победник со 53,3 отсто од гласовите, наспроти 46,8 проценти за Оглс, по обработени 95 отсто од избирачките места.
Хечер, поранешен комесар за земјоделство на Тенеси, на ноемвриските избори ќе се соочи со демократот Чез Молдер, кој победи на демократските прелиминарни избори со 40,9 проценти од гласовите во конкуренција на повеќе кандидати.
Прелиминарните избори во Тенеси беа први што се одржаа според новата изборна карта за Претставничкиот дом на САД, која во мај беше изменета од републиканското мнозинство во државниот Парламент, откако Врховниот суд на САД ја ограничи примената на федералниот Закон за избирачки права во однос на заштитата на правата на малцинските гласачи.
Републиканците моментно контролираат осум од деветте конгресни места во Тенеси и се стремат да ги освојат сите девет на ноемвриските избори.
Поразот на Оглс следуваше по контроверзната објава на социјалните мрежи, која американските муслимански организации и демократските законодавци ја оценија како исламофобична.
„Муслиманите не припаѓаат во американското општество. Плурализмот е лага“, напиша Оглс на американската платформа за социјални медиуми Х.
Генералниот секретар на Советот на муслиманските организации на САД, Осама Џамал, ги осуди неговите изјави.
„Омразата и дискриминацијата едни кон други немаат место во Америка“, изјави Џамал.
Иако Хечер не доби поддршка од Трамп, тој беше поддржан од гувернерот на Тенеси, Бил Ли, и водеше кампања како кандидат наклонет кон Трамп, истовремено нагласувајќи го своето земјоделско потекло.
„Пораката допре до луѓето, а таа беше: Работи како земјоделец, завршувај ја работата и служи им на другите“, изјави Хечер за „Асошиејтед прес“ по победата.