Ayhan Şimşek
03 Јули 2026•Ажурирано: 03 Јули 2026
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес се спротивстави на критиките на американскиот претседател Доналд Трамп дека европските сојузници во НАТО, особено Германија, не издвојуваат доволно средства за одбраната во рамките на Алијансата, јавува Анадолу.
Говорејќи на прес-конференција во Берлин, Мерц рече дека Германија презема големи чекори за да ги зголеми своите одбранбени инвестиции и да ги исполни целите договорени на самитот на НАТО во Хаг во 2025 година.
„Германија го удвојува буџетот за одбрана во рок од четири години“, изјави Мерц за новинарите. „Ова е најголемиот напор што некогаш сме го направиле за зајакнување на нашите одбранбени способности. Во тој поглед, нема од што да се срамиме“.
Во објавите на својата платформа „Трут сошал“, Трамп напиша дека е „смешно“ САД да продолжат со, како што рече, „еднострани“ односи во кои Вашингтон презема непропорционален дел од товарот.
Трамп сподели табела во која ги споредува издвојувањата за одбрана меѓу членките на НАТО и напиша: „Смешно е САД да продолжат по овој едностран пат кога односите не се реципрочни. Тие не беа тука за нас!!!“
Во претходна објава, тој ја издвои Германија: „САД трошат повеќе пари за НАТО од која било друга земја, многу повеќе, за да ги заштитат, без да добијат никаква корист од тоа. Другите, меѓу кои и Германија, МНОГУ ПОМАЛКУ. (2014-2025) Смешно!“