İlayda Çakırtekin
10 Август 2026•Ажурирано: 10 Август 2026
Германија наводно го заострила ставот за враќањето мигранти, барајќи повторно да се воспостават трансферите кон Италија и Грција по стапувањето на сила на Пактот на ЕУ за миграција и азил, објави денес новинската агенција АНСА, јавува Анадолу.
Откако Пактот стапи на сила на 12 јуни, портпарол на германското Министерство за внатрешни работи за АНСА изјави дека функционирањето на Даблинскиот систем е „неопходен услов“ за успешно функционирање на Заедничкиот европски систем за азил.
Портпаролот додаде дека Берлин очекува трансферите кон Италија и Грција да продолжат од тој датум.
Според Даблинската регулатива, барањата за азил на мигрантите што пристигнуваат од земји надвор од ЕУ треба да се обработуваат во првата земја на влез во ЕУ.
Со новиот Пакт се воведуваат и построги правила за секундарното движење на мигрантите меѓу земјите членки на ЕУ, што со години претставува извор на несогласувања меѓу Италија и земји како Германија, Австрија и Франција.
Во меѓувреме, извори од италијанското Министерство за внатрешни работи за агенцијата изјавија дека „нема мигранти според Даблинската регулатива што треба да ги преземеме од Германија“.
Изворите наведоа дека Италија смета дека сите таканаречени „даблински мигранти“ што по пристигнувањето во Италија се преселиле во друга земја членка на ЕУ пред 12 јуни, се опфатени со постигнатите договори со некои земји.
Исто така, тие оценија дека „сè уште е рано“ да се утврди дали мигрантите што пристигнале во Италија по 12 јуни моментално се наоѓаат во други земји на ЕУ бидејќи „поминало премалку време за да се утврди тоа“.
За нерегуларните мигранти што пристигнале по 12 јуни, Италија ќе тврди дека треба да се примени механизам за „компензација“, при што треба да се земат предвид мигрантите што пристигнале во Италија со пловни објекти управувани од невладини организации под европски знамиња, наведоа изворите.