Tarek Chouiref, Mohamed Majed, Mohammad Sio
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Најмалку 31 лице загинаа, а 21 се повредени, кога цистерна со гориво се запали на обиколницата во Каиро, во областа Ал-Варак, во провинцијата Гиза, западно од египетската престолнина, соопшти Министерството за здравство, јавува Анадолу.
Во најновото соопштение, Министерството наведе дека бројот на загинати е конечен.
Соопшти дека во спасувачките операции биле ангажирани 39 амбулантни возила.
Претседателот Абдел Фатах ал-Сиси им наложил на надлежните да им помогнат на повредените и на семејствата на загинатите, објави државниот весник „Ал-Ахрам“.
Претходно, Министерството во првичното соопштение наведе дека девет лица се здобиле со изгореници, а едно лице имало проблеми поради вдишување чад, додавајќи дека сите 10 лица биле пренесени во болница.
Министерот за здравство Калед Абдел Гафар ја следи медицинската реакција по пожарот и им наложил на болниците во близина на местото на несреќата да го зголемат нивото на подготвеност, соопшти Министерството.
Одделно, министерката за социјална солидарност Маја Морси им наложила на службениците за социјална заштита веднаш да се координираат со Дирекцијата за социјална солидарност во Гиза и тимовите за помош на Египетската црвена полумесечина, со цел да се обезбеди итна помош за погодените, се наведува во соопштението од Кабинетот на премиерот.
Претходно вчера, државниот новински портал „Ал-Ахрам“ објави дека тимовите за цивилна заштита го ставиле под контрола пожарот што избувнал во цистерна со нафтени деривати на обиколницата во областа Ал-Варак.
Безбедносните сили веднаш се упатиле на местото по добивањето на известувањата за пожарот, додека сообраќајните службеници го затвориле патот и вовеле обиколни правци за да спречат застој и да ги заштитат возачите, се наведува во извештајот.
Надлежните сè уште не ја соопштиле причината за пожарот.