Burak Bir
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Белгија ќе го повика американскиот амбасадор Бил Вајт поради неговите коментари упатени кон министерот за здравство, изјави денес министерот за надворешни работи Максим Прево, пренесува Анадолу.
Прево соопшти дека ќе го повика амбасадорот Бил Вајт на разговор поради поради неговите „неприфатливи“ коментари упатени кон министерот за здравство Франк Ванденбруке, настанати во сенка на контроверзиите околу здравственото предупредување за алкохолот, објави новинската агенција Белга.
Вајт на американската платформа за социјални медиуми Инстаграм објави слика на Ванденбруке генерирана со вештачка интелигенција, со опис: „Ја уништува секоја форма на радост во животот.“
Над сликата, амбасадорот напиша: „Кој е најголемиот губитник во Белгија?“
„Неприфатливо е амбасадор акредитиран во Белгија на ваков начин да зборува за член на нашата Влада“, рече Прево.
Министерот за надворешни работи изјави дека ќе го повика американскиот амбасадор во наредните денови.
Белгија е вовлечена во спор околу построго здравствено предупредување за алкохолот. Наместо „злоупотребата на алкохолот му штети на вашето здравје“, производителите сега треба во своите комуникации да наведуваат „алкохолот му штети на вашето здравје“.
Белгиските производители на пиво започнаа кампања против оваа промена.
Американскиот амбасадор и претходно беше повикан од министерот за надворешни работи, а во изминатите месеци имаше спор и со Ванденбруке.
Во меѓувреме, Конер Русо, лидер на фламанската социјалдемократска партија „Воороит“, исто така се вклучи во спорот, изјавувајќи: „Бил може да биде забавен тип.“
„Но, тој не знае ништо за здравствената заштита. Тој само го повторува она што го кажува тато (американскиот претседател Доналд Трамп). Ним им се важни само парите, а не нашето здравје“, напиша Русо на Инстаграм.