Ayhan Şimşek
15 Септември 2026•Ажурирано: 15 Септември 2026
Десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) за првпат достигна поддршка од 30 % во национална анкета и сега води пред конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц со разлика од 10 процентни поени, покажува истражувањето на агенцијата ЏМС објавено вчера, пренесува Анадолу.
Демохристијанската унија (ЦДУ) на Мерц, партија од десниот центар, и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), паднаа на 20 % – што е најниско ниво забележано од агенцијата ЏМС за конзервативците.
Заедно со Социјалдемократите, кои имаат поддршка од 11 %, коалицијата на канцеларот не би имала доволно поддршка за формирање парламентарно мнозинство доколку изборите се одржеа оваа недела.
ЏМС последен пат го истражуваше ова прашање кон крајот на јули.
Оттогаш, АфД, која води кампања против имиграцијата, забележа пораст од 2 процентни поени, додека ЦДУ/ЦСУ на Мерц изгуби 3 поени.
Поддршката за Зелените порасна за 1 поен, достигнувајќи 14 %. Партијата Левица исто така доби 1 поен и стигна до 11 %. Либералните Слободни демократи (ФДП) паднаа на 4 %, а „Алијансата на Сара Вагенкнехт“ (БСВ) остана на 3 %; двете партии се под прагот од 5 % потребен за влез во Парламентот.
Овие бројки означуваат драстична промена во однос на сојузните избори од 23 февруари 2025 година, кога конзервативната коалиција ЦДУ/ЦСУ на канцеларот Мерц освои 28,5 %, а АфД освои 20,8 %.
Анкетата доаѓа пред регионалните избори во Мекленбург-Западна Померанија и Берлин, што ќе се одржат в недела.
Овие избори се сметаат и за тест за политичката иднина на канцеларот Мерц, по тешкиот пораз на конзервативците од АфД во Саксонија-Анхалт, каде што десничарската партија освои 43,8 % на 6 септември.
Со недели во медиумите се шират шпекулации за можна промена на канцеларот, при што премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вист (ЦДУ), се споменува како потенцијален наследник.
Евентуалната борба за лидерската позиција во редовите на демохристијаните по покраинските избори сама по себе не би довела до распуштање на Бундестагот или до предвремени избори. Доколку притисокот во партијата доведе до повлекување на Мерц, Парламентот би можел да избере нов канцелар без одржување национални избори.