Berk Kutay Gökmen
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе ново правило со кое стотици илјади баратели на азил би можеле директно да бидат испратени во имиграциски суд за започнување постапка за депортација, јавува Анадолу.
Новото правило на Службата за државјанство и имиграција на САД (УСЦИС), насловено како „Упатувања за азил без интервју“, стапи на сила веднаш, заобиколувајќи го вообичаениот период за јавна расправа и коментари.
Политиката има цел да ги намали 1,4 милиони нерешени предмети за азил во УСЦИС за речиси една третина и веднаш стапи на сила.
Претходно многу баратели на азил можеа да ги претстават своите барања пред службеник за азил во УСЦИС. Доколку бea одбиени, потоа можеa да бидат упатени до имиграциски суд или да продолжат да бараат легален статус.
Според новото правило, до 444.724 предмети може да бидат пренесени директно кај судии за имиграција, кои сега имаат проширени овластувања да отфрлат одредени предмети без одржување рочиште.
Администрацијата вели дека промената се справува со системот за азил што се наоѓа во „досега невидена криза“, тврдејќи дека тој бил искористен за одложувања и добивање дозволи за работа наместо за легитимни барања за заштита.
Мерката е дел од пошироките напори на Трамп за преобликување на американската политика за азил. Откако се врати на функцијата, Трамп го ограничи пристапот до азил на границата меѓу САД и Мексико и ги засили мерките против мигрантите што веќе се во земјата, вклучително и оние што влегле легално и подоцна аплицирале за азил.