Riyaz Khaliq Khaliq, Bhadra Lal Sharma
26 Август 2026•Ажурирано: 26 Август 2026
Најмалку 384 туристи и патници денес се пријавени за исчезнати откако ненадејните поплави предизвикаа свлечишта во близина на границата меѓу Непал и Кина, додека смртта на осум лица е потврдена, соопшти Туристичкиот одбор на Непал, јавува Анадолу.
Инцидентот се случил околу 8:30 часот по локално време (2:45 часот по Гринич), според Одборот, кој соопшти дека туристите се „пријавени за исчезнати од погодените подрачја“.
На двете страни од границата беа започнати масивни операции за пребарување и спасување.
Властите „работат на проверка на местоположбата и безбедносниот статус на туристите и патниците кои биле или патувале низ погодените подрачја“, се наведува во соопштението на Одборот.
Меѓу пријавените како исчезнати има лица од Непал, Индија, Велика Британија, Јужноафриканската Република, Австралија и Холандија, додека државјанството на многу други сè уште не е потврдено.
Непалската полиција соопшти дека осум тела биле пронајдени во окрузите Нувакот и Дадинг.
Полициски станици, царински канцеларии и неколку приватни куќи биле однесени од поплавите, додека властите стравуваат дека има уште неколку лица кои се исчезнати.
Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ објави дека свлечиштето погодило подрачје во близина на пристаништето Ѓиронг, големо копнено пристаниште што ги поврзува двете земји, во југозападниот дел на кинескиот автономен регион Сизанг, познат и како Тибет.
Според наводите, се стравува дека има исчезнати лица.
„Катастрофата ги прекина патиштата што водат до пристаништето на кинеската страна, како и комуникациските и електричните врски“, објави „Синхуа“, повикувајќи се на Бирото за управување со вонредни состојби на округот Ѓиронг во градот Шигаце.
Беа издадени предупредувања за вонредна состојба за заедниците низводно сè до Читван, округ кој граничи со Индија.
Властите распоредија спасувачки тимови, вклучително и хеликоптери, додека припадниците на државните безбедносни агенции и локалните жители се приклучија на операциите за пребарување и спасување.
Шајлендра Тапа, портпарол на Вооружените полициски сили, изјави дека поплавите и уништувањето можеби биле предизвикани од излевање на глацијално езеро над реката Ботекоши.
Во Катманду, државните болници и медицинските установи со кои управуваат безбедносните агенции беа ставени во подготвеност за згрижување на лицата повредени во катастрофата.
Во тек е итна седница на Владата, додека министерот за внатрешни работи Судан Гурунг се подготвува да го информира Парламентот за загубите и штетите во погодените подрачја.
Туристите патуваат во областа Расувагади за планинарење во регионот Лангтанг, една од најпопуларните дестинации за планинарење во Непал. Други патници минуваат низ Расувагади на пат кон планината Каилаш и езерото Манасаровар во Кина.