Seyit Şamil Kurt
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Пентагон изработил планови за интензивна тридневна воена кампања против Иран, објави денес „Њујорк тајмс“, иако претседателот Доналд Трамп изјави дека Вашингтон нема да изврши напад пред меѓуизборите на 3 ноември, јавува Анадолу.
Американската армија, постапувајќи по наредба на Трамп, разработила можности за напади врз иранскиот арсенал од ракети и дронови, енергетските постројки и други воени објекти, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски функционери.
Високи претставници за национална безбедност, предводени од потпретседателот Џеј Ди Венс, разговарале за плановите минатиот петок во Кемп Дејвид. Според лица запознаени со предлогот, разгледаните опции се однесуваат на кратка, интензивна воена кампања што би траела околу три дена.
Нападите би биле насочени кон иранскиот арсенал од ракети и беспилотни летала, од кои голем дел биле обновени од страна на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) по почетната фаза НА војната, објави весникот.
Меѓу другите потенцијални цели се иранските енергетски постројки, како и командните пунктови и штабовите на ИРГЦ.
„Аксиос“ објави дека пред неколку дена Пентагон му наредил на Централниот команден штаб на САД (ЦЕНТКОМ) да ги заврши подготовките за можно обновување на големите борбени операции против Иран.
Во директивата не бил утврден датум за нападите, а Трамп сè уште немал донесено конечна одлука, објави „Аксиос“, додавајќи дека секое обновување на големите борбени операции би можело да вклучува масовни бомбардирања на иранските енергетски објекти, инфраструктурата и нуклеарните постројки.
Воените подготовки се одвиваат во услови кога Трамп во четвртокот изјави дека САД нема да го нападнат Иран пред меѓуизборите на 3 ноември, посочувајќи ги тековните дипломатски напори.
Трамп, во објавата на својата платформа Трут соушал, рече дека Вашингтон и Техеран водат „продуктивни разговори“.
„Њујорк тајмс“ објави и дека во изминатите месеци Трамп повеќепати ги одбивал предлозите за обновување на големите борбени операции против Иран и покрај тоа што му наредил на Пентагон да подготви нови воени опции.
Според весникот, во наредните недели се очекува три американски носачи на авиони да бидат распоредени на Блискиот Исток како дел од големото засилување на американското воено присуство во регионот.