İlayda Çakırtekin
31 Јули 2026•Ажурирано: 31 Јули 2026
Шпанија доцна синоќа го затвори граничниот премин Бени Ензар со Мароко во својата североафриканска енклава Мелила, по масовниот обид за илегален упад на мигранти, а во шпанската енклава Сеута вчера беа пријавени илјадници обиди за влегување, јави јавниот сервис РТВЕ, пренесува Анадолу.
Граничниот премин Бени Ензар меѓу Шпанија и Мароко беше затворен додека безбедносните сили работат на ставање на ситуацијата под контрола, а претседателот на Мелила, Хуан Хосе Имброда, за радиодифузерот Кадена КОПЕ изјави дека се случиле „околу 300, најмногу 400“ нелегални влегувања во автономниот град.
Тој изјави дека обидите за влегување биле забележани и преку копнената граница и по морски пат, нагласувајќи дека ситуацијата во Мелила „не може да се спореди“ со онаа во другата северноафриканска енклава на Шпанија, Сеута, која вчера беше сведок на масовни обиди за илегален упад од Мароко.
Имброда рече дека властите „мошне добро ја ставиле ситуацијата под контрола“, додавајќи дека мароканската жандармерија соработувала.
Портпаролот на владината делегација во Мелила го потврди затворањето на границата, нагласувајќи дека таа ќе остане затворена додека безбедносните сили продолжуваат со операциите. Сè уште не е познато кога преминот повторно ќе биде отворен.
Според РТВЕ, на терен е забележано големо полициско присуство за да се спречи влез на стотици марокански државјани, при што се слушале и истрели од огнено оружје и експлозии.
Во Менила се случи ова во момент кога илјадници илегални мигранти се обидоа да стигнат до Сеута од Мароко.
Полициски извор во петокот за РТВЕ потврди дека бројот на загинати мигранти во масовните пристигнувања се искачил на 19.
Претходно локалните медиуми објавија дека повеќе од 1.500 мигранти пристигнале во Сеута од Мароко во текот на изминатата недела, при што многумина ја препливале границата, а други влегувале пешки. Точниот број на пристигнати сè уште не е официјално потврден.
Рано утринава стотици луѓе наводно учествувале во насилни судири кај граничните периметри во обид да преминат од Мароко во Сеута и Мелила.
Шпанскиот премиер Педро Санчез објави дека неговата Влада ги мобилизира сите достапни ресурси.
Владата, исто така, соопшти дека вооружените сили ќе бидат распоредени за да ѝ помогнат на Цивилната гарда во одржувањето на безбедноста во градот.