Bhadra Lal Sharma
13 Август 2026•Ажурирано: 13 Август 2026
Свлечиште однесе куќи во далечното село Таванг во областа Ролпа, во Западен Непал, при што загинаа најмалку пет лица, а осум се водат како исчезнати, изјави денес висок официјален преставник за Анадолу.
„Локалните жители ги пронајдоа телата на пет од 15 лица што исчезнаа во свлечиштето, а две лица се повредени. Сè уште не е познато каде се исчезнатите лица“, изјави Риши Кешав Буда Магар, претседател на руралната општина Таванг, која го опфаќа подрачјето погодено од свлечиштето.
Околу 20 часот вчера (14:15 часот по Гринич), свлечиште однесе 11 куќи, како и објекти за крави и биволи, на планинските падини.
Таванг, оддалечено село во областа, некогаш беше познато како упориште на маоистичките бунтовници за време на вооружениот бунт, кој траеше до 2007 година, кога беше потпишан мировен договор.
Спасувачите и натаму имаат тешкотии да стигнат до подрачјето.
„Бидејќи подрачјето погодено од свлечиштето не е добро поврзано со патната мрежа, багерите за спасувачките операции не можеа да стигнат дотаму“, изјави Магар за Анадолу на телефон.
„Главниот окружен службеник штотуку пристигна на местото на несреќата. И јас пешки се упатувам таму за спасувачките и операциите за извлекување.“
Спасувачки екипи од вооружените полициски сили и непалската полиција започнаа операција за пребарување и спасување со цел да ги пронајдат исчезнатите лица.
Поради лошите патишта и недоволната подготвеност за природни катастрофи има човечки жртви во текот на секоја монсунска сезона, која започнува во јуни и трае до септември.
Заклучно со средата, 43 лица загинале во катастрофи поврзани со монсуните, како што се свлечишта, поплави и обилни врнежи, според Националната управа за намалување и управување со ризици од катастрофи, државна институција задолжена за справување со природни катастрофи.