Riyaz Khaliq Khaliq
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Резултатите од руските избори, одржани во услови на војната во Украина, „ја одразуваат волјата на народот“, соопшти Кина денес откако првичните резултати покажаа дека владејачката партија Единствена Русија е во водство, јавува Анадолу.
„Кина ѝ честита на Русија за успешно завршените избори за Државната дума“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, пред новинарите во Пекинг.
„Изборите се голем настан во политичкиот календар на Русија, а резултатите ја претставуваат волјата на рускиот народ. Кина цврсто го поддржува неговиот независен избор и подготвена е да работи со Русија на унапредување на билатералните односи.“
Гуо ги коментираше релиминарните резултати од изборите, објавени од Централната изборна комисија, според кои владејачката Единствена Русија е на пат да обезбеди уставно мнозинство.
Со обработени 93 отсто од гласачките ливчиња до утринава, Единствена Русија освоила 57,83 отсто од гласовите на изборите одржани од 18 до 20 септември, што е повеќе од 49,82 отсто, колку што освои на парламентарните избори во 2021 година.
Кандидатите на Единствена Русија, исто така, воделе во 208 од вкупно 225 едномандатни изборни единици.
Тридневните избори за 450 пратенички места во Државната дума завршија вчера, а излезноста се приближила до 57 отсто, во споредба со 51,72 отсто во 2021 година, според изборната комисија.
Повеќе од 111 милиони гласачи го оствариле правото на глас на изборите што се одржаа на гласачки места и преку далечинско електронско гласање.
Ова беа први парламентарни избори во Русија од 2022 година. Гласањето се одржа и во области на Украина под руска контрола, што Киев го отфрли, а некои западни влади го осудија.