İlayda Çakırtekin
04 Септември 2026•Ажурирано: 04 Септември 2026
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес стана шефица на Влада со најдолг стаж во историјата на Италијанската Република, соопшти новинската агенција АНСА, јавува Анадолу.
Мелони, исто така, стана италијанска премиерка со најдолг стаж во повоената историја на републиката.
Таа го постави рекордот откако помина 1.413 дена на функцијата, од преземањето на должноста на 22 октомври 2022 година, надминувајќи ја втората Влада на Силвио Берлускони, која траеше 1.412 дена, од 11 јуни 2001 до 23 април 2005 година.
Рекордот ќе биде одбележан денес во јужниот пристаништен град Бари, каде што се очекува да присуствуваат десетици илјади луѓе, објави италијанскиот весник „Ил Соле 24 Оре“.
Се очекува безбедносните мерки да бидат на највисоко ниво поради стравувањата од можни протести, објави весникот.
Партијата Браќа на Италија на Мелони, исто така, објави видео за одбележување на настанот, со снимки од речиси четирите години на власт и истакнати достигнувања за време на нејзиниот мандат. Видеото е со слоган „Најстабилна Влада, најсилна Италија“.
Мелони го поздрави рекордот и во објава на американската платформа за социјални медиуми Х.
„Ова е факт што го прифаќамсо благодарност и силно чувство на одговорност. Затоа што стабилноста не е рекорд со кој треба да се фалиме, туку услов што ѝ овозможува на една нација да планира, да одлучува, да ги почитува обврските и да ужива почит“, рече таа.