Berk Kutay Gökmen
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Американски разузнавачки претставници предупредиле дека предложената продажба на борбени авиони Ф-35 на Саудиска Арабија, вредна 24 милијарди долари, би можела да ја изложи чувствителната технологија на ризик од пристап од страна на Кина, објави вчера „Њујорк тајмс“, пренесува Анадолу.
Аналитичарите предупредуваат дека Кина би можела да дојде до технологијата преку шпионажа во Саудиска Арабија или преку нејзината воена и безбедносна соработка со кралството, објави весникот, повикувајќи се на американски претставници.
Процената подготвена од Разузнавачката агенција на Министерството за одбрана на САД пред неколку месеци го разгледувала пристапот на кинеската војска до саудиските бази, како и користењето кинеска технологија од страна на Ријад во својата телекомуникациска инфраструктура, изјави американски претставник за весникот.
Во процената, исто така, се поставува прашањето дали Вашингтон и Ријад би можеле да обезбедат безбедни објекти за заштита на чувствителната технологија на Ф-35, се наведува.
Според весникот, процената била споделена со неколку американски владини агенции и канцеларии во Конгресот, заедно со анализи од други разузнавачки агенции.
Разузнавачката агенција на Министерството за одбрана на САД есента 2025 година извршила поширока процена со слична загриженост, во период кога администрацијата ја разгледувала можната продажба на десетици вакви авиони на Саудиска Арабија, објави „Њујорк тајмс“ претходно.