Necva Taştan Sevinç
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Француската крајнодесничарска партија Национален собир и нејзиниот сојузник, Сојуз на десницата за Републиката, освоија 15 места на изборите за Сенатот одржани вчера, со што обезбедија доволен број пратеници првпат да формираат пратеничка група во Горниот дом на Парламентот, објави денес Франс-инфо, пренесува Анадолу.
Лидерката на Национален собир, Марин ле Пен, резултатот го нарече „историска победа“. Овој успех следува по добрите резултати на сојузот на општинските избори и се случи на помалку од седум месеци пред претседателските избори во Франција.
Според Франс-инфо, сојузот на двете партии освоил девет места во Медитеранскиот Регион, вклучително и седум во Прованса-Алпи-Азурен Брег. Пратеникот од Националниот сојуз, Себастиен Шену, изјави дека резултатот „го заокружува нашето присуство во сите француски институции“.
Според правилата на Сенатот, една политичка група мора да има најмалку 10 члена. Формирањето таква група им овозможува на партиите повеќе време за говор и повеќе ресурси, како и поголема улога во парламентарната работа.
Се очекува десницата, центарот и Социјалистичката партија да останат трите најголеми сили во Сенатот. Конзервативните републиканци би можеле да изгубат околу седум места, според делумните резултати на кои се повикува Франс-инфо, при што сè уште се чекаат податоци за партиската припадност на дел од избраните сенатори и резултатите од некои прекуморски територии.
Изборите, исто така, овозможија првпат во Сенатот да влезе и левичарската партија Непокорена Франција откако Габриел Амар освои место во департманот Рона. Партијата тврди дека добила и втор сенатор, Марк Пере во Горна Гарона, иако неговата партиска припадност сè уште е предмет на спор.