Berk Kutay Gökmen
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Американската сојузна комисија за комуникации (FCC) денес објави забрана за увоз на кинески хуманоидни роботи, со образложение дека тие претставуваат „неприфатлив ризик“ за националната безбедност на САД, јавува Анадолу.
Одлуката е дел од пошироките напори на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за ограничување на присуството на кинеската технологија на американскиот пазар.
Според соопштението на Комисијата, забраната се однесува на „странски произведени напредни роботски уреди“, категорија што ги опфаќа и хуманоидните роботи и машините со четири нозе инспирирани од животни.
Официјалните лица истакнаа дека „напредните роботски уреди собираат податоци што би можеле да бидат искористени од злонамерни актери за шпионирање на Американците, зајакнување на капацитетите на странските разузнавачки служби или за далечинско управување со роботите“, нагласувајќи ја загриженоста во врска со потенцијалниот надзор, шпионажата и контролата на далечина.
Покрај хуманоидните роботи, Комисијата забрани и поврзани инвертори на енергија, кои се користат за поврзување на системите за обновлива енергија и батериите со електричните мрежи, како и инфраструктурата за податочни центри.
Новите ограничувања ја нагласуваат политиката на администрацијата на Трамп за зајакнување на домашната технологија и поттикнување на компаниите да ги преселат производните операции во САД.
Минатата недела Комисијата привремено одобри предлог за забрана на увозот на определени странски воени беспилотни летала, потег за кој широко се известуваше дека е насочен кон производителите од Кина.
Исто така, беше забранет и увозот на дополнителна опрема од неколку кинески производители, а таа забрана стапи на сила на 16 јули.