Gökhan Zobar
09 Февруари 2022•Ажурирано: 10 Февруари 2022
ЕДРЕНЕ (AA) - Проф. д-р Левент Озтурк, раководител на Одделот за физиологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Тракија“ во Турција, истакна дека хроничното нарушено спиење го зголемува ризикот од карцином, јавува Агенција Анадолија (АА).
Проф. д-р Озтурк во изјавата за AA истакна дека редовниот и урамнотежен сон е еден од основните елементи на здравиот живот.
Озтурк нагласи дека нарушувањето на спиењето го нарушува и имунолошкиот систем, и во тој случај, според него, телото има потешкотии да се бори со канцерогените клетки.
„Доколку хронично не спиеме доволно, можеме да го отвориме патот за карцином бидејќи знаеме дека несоницата особено го нарушува имунолошкиот систем. Одредени делови од имунолошкиот систем особено се занимаваат со уништување на канцерогените клетки кои се појавуваат во телото. Ако таа клетка не се уништи, таму се населува новопојавената клетка на карцином и може да се претвори во болест,“ рече Озтурк, додавајќи дека несоницата има многу штета за здравјето.
Меѓу другото, Озтурк истакна дека нарушувањето на спиењето забележано кај пациенти на кои им е дијагностициран карцином, исто така, влијае на процесот на лекувањето.
Тој истакна дека проблемите со спиењето се забележуваат кај пациентите со карцином.
„Лицата на кои им е дијагностициран карцином се соочуваат со чувство на смрт, а некои од нив може да развијат депресија, поради што може да биде потребна психијатриска поддршка. Лицето постојано мисли на болеста, затоа почнува да се соочува со несоница, често будење навечер или рано наутро и повторно да не може да заспие. Ова негативно влијае на процесот на лекување. Кај пациенти со ваква онколошка дијагноза треба да се следи нивното спиење, и доколку има тенденција да се влошува, треба веднаш да се лекува“, додаде Озтурк.