Muhammet Mutaf
08 Февруари 2022•Ажурирано: 09 Февруари 2022
ЕРЗУРУМ (АА)
- Мухамет МУТАФ
Националниот спортист, Фатих Арда Ипчиоглу, наречен „Летечки Турчин“, го привлекува вниманието со својата успешна приказна во дисциплината скијачки скокови, стигнувајќи до Олимпијадата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Фатих Арда ја започна кариерата со дисциплината санкање во ски-центарот Паландокен.
Претставувајќи ја Турција на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, Фатих Арда стана првиот турски национален спортист кој ги помина квалификациите во дисциплината скијачки скокови на Олимпијадата.
Тоа го направи горд неговиот татко, кој работи како трговец во Ерзурум.
Таткото Мухитин Ипчиоглу за дописникот на Агенција Анадолија (АА) зборуваше за неговиот син Арда и за неговиот успех во дисциплината скијачки скокови на Олимпијадата во Пекинг.

- „На санка се качуваше стоечки“
Наведувајќи дека Фатих Арда почнал да се занимава со спорт на млада возраст, Ипчиоглу рече:
„Цело семејство секој викенд одевме во Паландокен. Арда со зимските спортови започна откако ја купивме првата санка. На санката се качуваше стоечки. Сите луѓе гледаа во него. Подоцна тој почна да скија. Потоа во 2010 година во Ерзурум, Арда учествуваше на аудициите за скијачки скокови. И влезе меѓу првите 10. После почна да учествува на натпреварите. Арда до овој успех стигна со напорна работа. Има 12 години труд. Скока од 2010 година. Постојано беше во странство, ретко се гледавме поради неговите тренинзи.“
Ипчиоглу нагласи дека Фатих Арда ја скршил ногата во странство и бил опериран и дека поради тоа одреден период заостанал со тренинзите.
Наведувајќи дека неговиот син спортист во тоа време бил ученик во основно училиште, Ипчиоглу рече: „Тој тогаш сè уште беше дете и паузираше една година. Заостануваше од пријателите, но со својата решителност и напорна работа Арда го надомести тоа. Потоа дојде успехот и верувам дека ќе биде уште поуспешен. Секогаш велеше: ‘Јас бев првиот, немаше пример пред мене, но сега јас сум пример. Се надевам дека другите пријатели ќе продолжат по мене'.“
Посочувајќи дека Фатих Арда бил неискусен и многу возбуден кога за првпат учествувал на Зимските олимписки игри во 2018 година, Ипчиоглу додаде дека неговиот син овој пат на Олимпијадата заминал самоуверено и како поискусен.
Потсетувајќи дека неговиот син го нарекувале „Летечкиот Турчин“, Ипчиоглу нагласи:
„Арда за прв пат го постигна овој успех во дисциплината скијачки скокови. Пред него немаше ваков пример. Но Арда ќе им биде пример на другите Арди. Семејствата и децата го сакаат овој спорт и го следат од дома. Арда има многу фанови. Тие испраќаат пораки на социјалните мрежи и велат: ‘Арда, брате, ќе почнеме и ние‘. Арда стана пример за другите деца и семејства.“
- „Надежта му е голема и уверен е дека ќе донесе медал“
Наведувајќи дека се горди на постигнувањата на неговиот син, Ипчиоглу рече: „Се надевам дека Арда ќе стигне до подобри места и ќе постигне успех. Направи многу добар скок на последните квалификации. Сега има уште еден натпревар на 12 февруари. Имам големи надежи и уверен сум дека ќе донесе медал.“
Во врска со емотивното видео што Фатих Арда го сподели на својот профил на социјалните мрежи по елиминацијата, Ипчиоглу рече:
„Ние сме емотивно семејство, Арда е исто така емотивен и не може да се воздржи. Откако го сподели видеото, се јавивме, а тој рече: ‘Не можев да се воздржам, ако се работи за знамето и државата, готово е. Посакував да отидев малку подалеку, техниката требаше да ми биде малку подобра, тогаш ќе учествував во финалето. Верувавме дека ќе бидам успешен на Олимпијадата. Не можев да ги задржам солзите, не можев да ги сокријам чувствата. Сакав да се вее нашето знаме таму, да се вратам со медала во земјата. Верував дека ќе бидам успешен на Олимпијадата. Ама приказната не е завршена. Има уште натпревари. Еден ден ќе ѝ донесам медал на мојата земја‘.“