Столарката Нурѓул рамо до рамо со сопругот ја водат единствената работилница за градежно дрво
- „Оваа столарска работилница многу ни значи. Прилично е тешко, но сакав да му помогнам на сопругот. Работиме заедно“, вели четириесетгодишната столарка
Rıdvan Korkulutaş, Metin Dere
09 Септември 2026•Ажурирано: 09 Септември 2026
photo: Rıdvan Korkulutaş / AA
БИНЃОЛ
Четириесетгодишната Нурѓул Зерај, која живее во селото Јешилѓоз во областа Једису во турскиот град Бинѓол, заедно со својот сопруг работи во столарската работилница што ја отвориле и со својата работа ги задоволуваат потребите на областа за градежно дрво, пишува Анадолу.
Хакан Зерај, кој се занимава со земјоделство во селото Јешилѓоз, решил да отвори столарска работилница откако се затворила работилницата што претходно работела во Једису. На тоа го поттикнале и неговите пријатели, кои ги знаеле неговите вештини во оваа област.
Пред три години, Хакан Зерај заедно со својата сопруга Нурѓул изнајмил работилница во областа и, откако ја обезбедил потребната опрема, ја претворил во столарска работилница.
Во единствената столарска работилница во областа, каде што производството започнува во мај и трае шест месеци, најголема поддршка на Хакан Зерај е неговата сопруга Нурѓул.
Фотографија : Rıdvan Korkulutaş/AA
Нурѓул Зерај шест месеци во годината заедно со сопругот патува до работилницата, која се наоѓа на шест километри од селото. Таму ги обработува тополите со машина за сечење дрво и ги претвора во градежно дрво со потребните димензии, кое се користи за изградба на штали, јасли и хранилки за добиток, покриви и шупи.
Брачниот пар Зерај, кој има три деца, ги задоволува потребите за градежно дрво на областа Једису, која се наоѓа на 130 километри од центарот на градот и до која, поради нејзината географска положба, транспортот е отежнат.
Благодарение на нивното производство, жителите на областа повеќе немаат потреба да ги носат тополите во други градови за да ги преработат во градежно дрво.
Нурѓул Зерај, покрај домашните обврски и грижата за своите деца, во времето што ѝ останува по работата во столарницата се занимава и со пчеларство. Во дворот на својот дом поставила кошници во кои одгледува пчели.
Фотографија : Rıdvan Korkulutaş/AA
Таа за АА изјави дека почнала да работи во работилницата за да му помогне на својот сопруг и дека со текот на времето го научила столарскиот занает.
„Во нашата област немаше производство на градежно дрво, а имаше и потешкотии со транспортот. Оваа столарска работилница многу ни значи. Прилично е тешко, но сакав да му помогнам на сопругот. Работиме заедно“, вели таа.
Хакан Зерај, кој истакна дека во работилницата што ја отвориле заедно со сопругата произведуваат веќе три години, рече дека и жителите на областа се задоволни од нивната работа.
„Жителите на областа се задоволни. Наместо да ги носат своите дрва во други градови, тука ги задоволуваат своите потреби. Најголема поддршка ми беше сопругата. Без семејството, ниту една работа не може да биде успешна. На почетокот, семејството мора да биде покрај тебе. Успехот доаѓа со семејството“, рече тој.