Agim Sulaj
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Демонстранти што се противат на одлуката на Специјализираните совети во врска со поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се собраа пред канцелариите на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), јавува Анадолу.
Демонстрантите ги извикуваа имињата на четворицата поранешни лидери на ОВК, осудени во средата пред Специјалниот суд.
За време на протестот пред канцелариите на ЕУЛЕКС, кон еден од влезовите во просториите на Мисијата на ЕУЛЕКС беа фрлани шишиња и камења, но протестот продолжи без други инциденти.
Демонстрантите првично ја следеа расправата пред Специјалниот суд на плоштадот, а потоа од плоштадите се упатија кон овие канцеларии.
Политичките партии во земјата повикаа на смиреност и воздржаност по осудувањето на поранешните лидери на ОВК.
По судското рочиште се обратија и адвокатите на одбраната на Тачи и Весели.
Пјер-Ричард Проспер, адвокат на Хашим Тачи, денешната пресуда против поранешните лидери на ОВК ја опиша како „неуспех на правдата“.
Проспер изјави дека одбраната ќе поднесе жалба на одлуката, притоа обвинувајќи го Трибуналот дека „ја препишал историјата“.
„Ќе поднесеме жалба. Но ова е мрачен ден за меѓународната правда. Ова е крај и на меѓународната кривична правда“, рече Проспер.
Адвокатот на Кадри Весели, Родни Диксон, исто така, по одлуката изјави за медиумите дека е „длабоко разочаран од пресудата за вина и од изречената казна“.
„Во текот на судењето јасно укажавме на недостиготот на докази за неговата вмешаност во каква било киднапирање, убиство или криминална активност за време на војната за слободата на Косово. За жал, ова не е добар ден за Косово. Ова не е добар ден за владеењето на правото ниту за меѓународното право. Затоа, внимателно ќе ја разгледаме оваа обемна пресуда што тукушто ја добивме, со цел да поднесеме силна жалба и да ја продолжиме борбата за докажување на невиноста на Весели и за негово враќање дома, во Косово“, рече Диксон.
Тачи и Красниќи беа прогласени за виновни и осудени на по 25 години затвор, Весели беше осуден на 18 години, а Селими на 13 години од страна на Специјалниот суд.
Поранешните лидери на ОВК беа осудени за воени злосторства, вклучително и незаконско или произволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и незаконско убивање.