Elena Trenchevska Chekovic
27 Јули 2026•Ажурирано: 27 Јули 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес се сретна со државниот секретар за Европската Унија во Министерството за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија, Фернандо Мариано Сампедро Маркос, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Министерството, главна тема на разговорите биле европската интеграција на Северна Македонија и актуелните процеси поврзани со проширувањето на Европската Унија.
Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Шпанија за европската перспектива на земјата, како и за заложбите проширувањето да остане еден од стратегиските приоритети на Унијата.
„Процесот на пристапување мора да остане кредибилен, предвидлив, еднаков за сите и заснован врз заслуги, со јасна крајна цел – полноправно членство во ЕУ, паралелно со унапредувањето на практичните форми на постепена интеграција“, истакна Муцунски.
Тој го информираше соговорникот и за резултатите од спроведувањето на Реформската агенда, нагласувајќи ја посветеноста на Владата кон усвојување и спроведување на европските вредности и стандарди.
На средбата е истакната важноста од натамошно продлабочување на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Шпанија во рамките на европските процеси.
Двајцата претставници ја потврдија потребата од зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ и забрзување на пристапниот процес на Северна Македонија.