ЗАФЕР ФАТИХ БЕЈАЗ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во рамките на 36. Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО, оствари билатерални средби со лидерите, меѓу кои претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, претседателот на Франција, Емануел Макрон, претседателот на Финска, Александер Стуб, претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и германскиот канцелар Фридрих Мерц, јавува Анадолу.

Ердоган имаше интензивна дипломатска активност на 36. Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО, што се одржа во Претседателскиот комплекс, чиј домаќин беше Турција.
Претседателот Ердоган, кој на 6 јули го прими бугарскиот премиер Румен Радев, изјави дека односите меѓу Турција и Бугарија напредуваат на повеќе полиња и дека се работи на унапредување на соработката во многу области, пред сѐ, во трговијата, транспортот, одбранбената индустрија и енергетиката.
Ердоган истакна дека Турците во Бугарија ја зајакнуваат врската меѓу двете земји и изрази задоволство што и Бугарија со внимание му пристапува на ова прашање.
Истиот ден претседателот Ердоган се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при што нагласи дека на Самитот на НАТО во Анкара е важно да се разгледаат многу прашања, од колективната одбрана до зголемувањето на соработката во одбранбената индустрија меѓу сојузниците.
На првиот ден од Самитот, Ердоган во Претседателскиот комплекс го прими канадскиот премиер Марк Карни, при што истакна дека во новиот период интензивирањето на напорите за развој на односите меѓу Турција и Канада во повеќе области, пред сѐ, трговијата, безбедноста, одбранбената индустрија и енергетиката, како и искористувањето на потенцијалите за соработка, ќе биде од корист за двете земји.
Претседателот Ердоган истакна дека Турција го поддржува зајакнувањето на европскиот столб на НАТО, но дека тоа не може да ја замени „трансатлантската врска“, додавајќи дека сојузниците што не се членки на Европската Унија треба да бидат вклучени во одбранбените иницијативи на ЕУ.
Истиот ден Ердоган се сретна и со претседателот на Финска, Александер Стуб, при што изјави дека е задоволен од забрзувањето на трговските односи меѓу Турција и Финска и дека ќе продолжат да работат на унапредување на соработката.
Нагласувајќи ја важноста од силно демонстрирање на сојузничката солидарност на Самитот на НАТО во Анкара, Ердоган рече дека е важно да не се занемарува потенцијалниот придонес на Турција кон безбедносната стратегија на Европската Унија и дека активностите што ги презема ЕУ за обезбедување стабилност и безбедност во Европа треба да имаат комплементарен карактер со НАТО.
Ердоган нагласи дека Турција вложува напори за решавање на војните и во Иран и во Украина преку дијалог, како и дека работи на воспоставување траен прекин на огнот во Газа и непречен пристап на хуманитарната помош до регионот.
Претседателот Ердоган, кој на аеродромот во Анкара го пречека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој ја реализираше својата прва официјална посета на Турција, подоцна го прими својот гостин во Претседателскиот комплекс со официјална церемонија од типот „А+“.
Одговарајќи на новинарски прашања пред тет-а-тет средбата, Ердоган истакна дека посетата е значајна.
„Тоа што Самитот на лидерите на земјите членки на НАТО денес се одржува во Анкара и што сите лидери во моментов се наоѓаат во нашата земја, а утре ќе бидеме заедно со мојот драг пријател господинот Трамп, ни дава дополнителна сила. Уште еднаш му посакувам добредојде“, рече Ердоган.
На прашањето во врска со испораката на моторите за борбените авиони F-35 и КААН, претседателот Ердоган одговори:
„Прашањето за F-35 не е ново за нас. За ова и претходно разговаравме со Америка. Добивме ветување за петте авиони. Господинот Трамп има и дополнително ветување кон нас по ова прашање. Верувам дека за време на разговорите што ќе ги водиме на Самитот на лидерите позитивно ќе го потврдиме ветувањето што претходно го добивме во врска со F-35. Господинот Трамп секогаш стои зад својот збор. Верувам дека и на овој Самит на лидерите ќе биде донесена позитивна одлука во врска со F-35.“
Потоа лидерите претседаваа со состанокот меѓу делегациите. Претседателот Ердоган и неговата сопруга Емине Ердоган приредија вечера и прием во чест на лидерите и нивните брачни партнери што учествуваа на 36. Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО.
Лидерите-гости при пристигнувањето во Претседателскиот комплекс беа пречекани со маршеви изведени од Мехтерскиот оркестар на Министерството за национална одбрана.
Пред вечерата брачниот пар Ердоган се фотографираше со поканетите гости за заедничка фотографија, а потоа на гостите им беа послужени специјалитети од турската кујна.
На вториот ден од Самитот претседателот Ердоган ги пречека лидерите што пристигнаа во Претседателскиот комплекс за главната сесија и се фотографираше со секој од нив. По официјалната церемонија на пречек беше направена и заедничка фотографија.
На фотографирањето, од десната страна на претседателот Ердоган беше албанскиот премиер Еди Рама, а од левата страна генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Потоа лидерите преминаа на состанокот на шефовите на држави и влади. Ердоган во салата влезе разговарајќи со албанскиот премиер Рама. Пред почетокот на состанокот, претседателот Ердоган, министерот за надворешни работи Хакан Фидан и директорот на Националната разузнавачка организација (МИТ), Ибрахим Калин накратко разговараа со претседателот на САД, Доналд Трамп.
По состанокот Ердоган се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, при што истакна дека дојде време Турција и Франција да ги зголемат своите цели во меѓусебната трговија и дека ќе продолжат со напорите за унапредување на соработката во сите области.
Ердоган рече дека се надева оти Исламабадскиот договор во врска со Иран ќе придонесе за воспоставување мир во регионот, додавајќи дека Турција останува оптимист, но и претпазлива и дека треба внимателно да се постапува кон евентуалните провокации.
По средбата со Макрон, претседателот Ердоган ја прими италијанската премиерка Џорџа Мелони и истакна дека е важно да се работи на развој на соработката меѓу Турција и Италија во многу области, пред сѐ, во одбранбената индустрија, инвестициите, енергетиката и трговијата.
Ердоган се сретна и со германскиот канцелар Фридрих Мерц, при што нагласи дека унапредувањето на соработката меѓу Турција и Германија, особено во одбранбената индустрија и трговијата, е во интерес на двете земји.
Претседателот Ердоган нагласи дека треба да се биде внимателен кон активностите и провокациите што би можеле да го попречат договорот меѓу Иран и САД и истакна дека Турција ќе продолжи да работи за траен мир.
На средбата со британскиот премиер Кир Стармер, Ердоган истакна дека соработката и блискиот дијалог меѓу Турција и Обединетото Кралство се од големо значење и дека во новиот период, преку нови чекори, ќе продолжат да ги развиваат односите меѓу двете земји.
На средбата лидерите го потпишаа Документот за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Турција и Обединетото Кралство.
Документот ги потврдува силните заложби на Турција и Обединетото Кралство за меѓусебна одбрана и за Северноатлантскиот договор.
Претседателот Ердоган се сретна и со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара.
На средбата, Ердоган истакна дека напорите за развој на соработката меѓу Турција и Сирија ќе продолжат со засилен интензитет и дека Турција ќе продолжи да стои покрај сирискиот народ. Тој нагласи дека останувањето на Сирија надвор од регионалните конфликти е од витално значење за обновата на земјата.
По средбите, Ердоган на прес-конференција одговараше на прашањата на домашните и странските новинари.
По прес-конференцијата претседателот Ердоган се сретна на работен ручек со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Укажувајќи дека Турција со години е кандидат за членство во Европската Унија и членка на Царинската унија и дека благодарение на преземените чекори стана значаен производствен центар во Европа, Ердоган рече дека интегрираната структура на економиите ја зголемува конкурентноста на Европа во однос на светот и дека природно се очекува регулативите што ЕУ планира да ги донесе во областа на трговијата и инвестициите да ја опфатат и Турција.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган во Претседателскиот комплекс се сретна и со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, словачкиот претседател Петер Пелегрини и албанскиот премиер Еди Рама, кои престојуваа во Анкара по повод Самитот на лидерите на земјите членки на НАТО.
news_share_descriptionsubscription_contact


