Merve Berker
17 Јули 2026•Ажурирано: 17 Јули 2026
Шефот на Дирекцијата за комуникации на Турција, Бурханетин Дуран, денес ја критикуваше најновата оцена на Европската Унија (ЕУ) за земјата, оценувајќи дека ѝ недостигаат објективност и стратегиска визија, јавува Анадолу.
Дуран на американската платформа за социјални медиуми X порача дека оцените содржани во документот на ЕУ „Заедничко разбирање“, објавен на 15 јули 2026 година, се „далеку од објективност и стратегиска предвидливост“.
Тој нагласи дека ваквиот пристап, кој „го игнорира статусот на Турција како земја кандидат“, уште еднаш ја покажува неспособноста на ЕУ да понуди визија за заедничка иднина.
Дуран посочи дека документот ја занемарува улогата на Турција во евроатлантската безбедност, и покрај тоа што нејзината незаменлива позиција беше јасно реафирмирана за време на Самитот на НАТО во Анкара. Тој додаде дека изјавите што ја игнорираат оваа реалност „не придонесуваат кон конструктивен дијалог“.
Осврнувајќи се на прашањата за Источниот Медитеран и Кипар, Дуран изјави дека документот ја повторува „едностраната реторика“ што не ги одразува меѓународното право ниту историските реалности.
„Трајно решение е можно само преку фер, непристрасен и реален пристап“, порача тој.
Дуран ја повика ЕУ да се откаже од предрасудите и да заземе поодговорен став, заснован на меѓусебна почит и заеднички интереси.