Necva Taştan Sevinç
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Шумските пожари во изминатите девет години уништиле околу 70.000 хектари површина во грчката област Атика, покажуваат податоците на Националната опсерваторија во Атина, пренесоа локалните медиуми, јавува Анадолу.
Последниот пожар во западниот дел на Атика зафатил околу 14.000 хектари, иако се потребни дополнителни анализи за да се утврди конечниот обем на штетите, јави грчкиот јавен сервис ЕРТ.
Харис Контоес, директор за истражување во единицата БИЈОНД при Опсерваторијата, изјави дека сателитските системи за следење, кои обезбедуваат ажурирани податоци на секои пет минути, регистрирале повеќекратни повторни разгорувања и појава на нови огнени фронтови.
Пожарот се проширил и во подрачја што претходно биле погодени од големи пожари, вклучувајќи терени што изгореле во 2009 и 2021 година.
„Според мапите изработени од единицата БИЈОНД, голем дел од сегашното опожарено подрачје се совпаѓа со површините зафатени од пожарот во 2009 година“, рече Контоес.
Откако се движел кон исток низ областа Порто Гермено, пожарот стигнал до терени што изгореле во 2021 година, каде што останала помала количина запалива вегетација.
„На местата што изгореа во 2021 година веќе нема иста количина горивен материјал. Затоа пожарот бара преостанати живи шумски површини“, изјави тој.
Контоес предупреди дека големиот број домови изградени во или во непосредна близина на шумите значително го зголемува ризикот за населението.
„Крајбрежните населби се изградени во шумски подрачја“, рече тој, додавајќи дека западна Атика е пример за поширок проблем што го засега целиот регион.
Тој оцени дека сè почестите и поинтензивни шумски пожари, поттикнати од климатската криза, бараат промени во урбанистичкото планирање и подобра заштита на домовите.
Според него, старите објекти без соодветна противпожарна заштита, необработените парцели и тесните патишта што го отежнуваат пристапот на противпожарните возила и понатаму претставуваат сериозен ризик.
„Влеговме во нова ера - ерата на климатската криза, која, за жал, сè уште не ја земаме предвид во доволна мера“, изјави Контоес.