Ikrame Imane Kouachi
10 Септември 2026•Ажурирано: 10 Септември 2026
Четворица Палестинци од исто семејство загинаа денес во израелски воздушен напад врз куќа во Беит Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, и покрај тоа што е на сила прекин на огнот, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Изворите за Анадолу изјавија дека четирите тела биле пренесени во болницата „Ал-Шифа“ во градот Газа откако во нападот била погодена куќата на семејството Ахмед во населбата „Проект Беит Лахија“.
Во нападот се повредени и неколку други лица, додека многумина се водат како исчезнати под урнатините, наведоа изворите.
Во меѓувреме, неколку повредени лица рано утрово се пренесени во болницата „Ал-Шифа“, откако израелски воени возила и беспилотно летало отвориле оган врз засолништата и шаторите на раселените Палестинци во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа, објави новинската агенција ВАФА.
Израелските воени авиони извршија и воздушен напад во близина на болницата „Камал Адван“ во кампот.
Израелските поморски пловила, пак, отворија силен оган во водите кај Кан Јунис, како и во областите источно од централниот дел на Појасот Газа.
Овие напади претставуваат најнови израелски прекршувања на договорот за прекин на огнот што е на сила од 10 октомври 2025 година.
Израелската Армија уби над 73.000 Палестинци и рани над 174.000 во бруталната војна што трае од октомври 2023 година и во која е уништена или оштетена голем дел од цивилната инфраструктура на Газа.