İlayda Çakırtekin
15 Септември 2026•Ажурирано: 15 Септември 2026
Околу 50 рибари денес блокираа складиште за нафта во јужниот француски пристаништен град Фос-сир-Мер во знак на протест поради растот на цените на горивата и влошувањето на условите за работа, објави телевизијата БФМТВ, пренесува Анадолу.
Блокадата траеше околу седум часа, по што објектот беше ослободен и работата продолжи, соопшти полициската префектура.
За време на протестот накратко дојде до тензии меѓу рибарите и полицијата, објави БФМТВ.
На местото на протестот демонстрантите истакнаа транспаренти со натписи „Европа нè убива“ и „ЕУ ги потопува нашите бродови, а Париз нè гледа“.
Протестот се одржа во време кога владината портпаролка и делегирана министерка за енергетика Мод Брежон во интервјуто за телевизијата Франс 2 зборуваше за растот на цените на горивата и тешкотиите со снабдувањето пријавени низ Франција.
„Сакам утринава да ги уверам сите: нема ризик од недостиг, а 90 отсто од бензинските станици немаат проблеми со снабдувањето. Имаме конкретен проблем со станиците во мрежата на 'ТоталЕнерџис'“, рече таа.
Брежон го поврза растот на цените со состојбата на Блискиот Исток, особено со затворањето на Ормускиот Теснец.
„Тоа што мислам дека треба да се нагласи е дека она што го доживуваме, она што го доживуваат Французите… е директно поврзано со она што се случува на Блискиот Исток: затворањето на Ормускиот Теснец, низ кој претходно минуваа 20 отсто од суровата нафта и 20 отсто од гасот што се користи“, рече таа.
Брежон повика на воспоставување нормални услови во Ормускиот Теснец, велејќи дека францускиот претседател работи на постигнување на таа цел.