Faisal Mahmud
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Силен поларен бран денес донесе снег и во пониските предели на Нов Зеланд, предизвикувајќи затворање на патиштата и училиштата, како и прекин на траектниот сообраќај, додека властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, јавува Анадолу.
Снег падна во делови од Јужниот Остров додека студениот воздушен бран се движеше низ земјата, јави „Њу Зиланд хералд“.
Полицијата ги повика жителите на јужниот град Данидин да не патуваат освен ако тоа не е неопходно, поради снегот и замрзнатите коловози.
За неколку главни патни правци беа издадени предупредувања за снежни врнежи.
Лошите временски услови ја прекинаа и наставата.
Сите основни и средни училишта, како и градинките во Данидин, на потегот меѓу Мосгил, Порт Чалмерс и Вајкуаити, останаа затворени, а наставата беше прекината и во Средното училиште „Ист Отаго“ во Палмерстон.
Временските услови се влошија и во Куковиот Теснец, кој ги разделува Северниот и Јужниот Остров, каде што дуваа силни ветрови.
Поради тоа беа откажани четири пловидби на компанијата „Интерислендер“ меѓу Велингтон и Пиктон, додека компанијата „Блубриџ“ ги откажа сите шест пловидби планирани за денес и уште две во раните утрински часови утре.
Националната метеоролошка служба МетСервис издаде и предупредување за високи бранови покрај брегот Ваирарапа, јужно од Нгави, прогнозирајќи бранови високи до шест метри до раните утрински часови в среда.