Amir Latif Arain
02 Септември 2026•Ажурирано: 02 Септември 2026
Пакистан денес се заложи дека ќе „настојува за дијалог“ меѓу САД и Иран со цел да се стави крај на нивната повеќемесечна војна и покрај најновите ескалации, јавува Анадолу.
„И покрај последните ескалации, ние остануваме со надеж и продолжуваме да се залагаме за дијалог и дипломатија“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Тахир Андраби, пред новинарите во Исламабад.
Изјавата дојде откако Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран денес соопшти дека извршил истовремени напади врз американските бази во Јордан, Бахреин, Кувајт и Ирак како одмазда за американскиот напад врз куќа во Сирик во јужен Иран ден претходно. Иран тврди дека во американскиот напад загинале четири лица, меѓу кои и едно дете.
Во денешниот напад врз воздухопловната база Али aл Салем во Кувајт, ИРГЦ тврди дека е убиен американски персонал, и дека уништени се беспилотни летала.
Пакистан е главен посредник меѓу Иран и САД во текот на целата војна што започна на 28 февруари и одржува близок контакт со двете страни.
Повикувајќи се на неодамнешните посети на Техеран од страна на началникот на пакистанската Aрмија, фелдмаршалот Асим Мунир, и министрите за надворешни работи на Катар и Оман, Андраби рече дека тие се дел од дипломатските напори на Пакистан за ставање крај на конфликтот меѓу САД и Иран, особено фокусирајќи се на напорите за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
„Истакнавме дека договорот постигнат меѓу САД и Иран согласно со Меморандумот за разбирање од Исламабад е најизводлив пат кон траен мир и стабилност во регионот“, додаде тој.