Saadet Gökce
03 Август 2026•Ажурирано: 03 Август 2026
Британскиот музички бенд „Масив Атак“ соопшти дека неговите членови биле „приведени од полицијата, изолирани и поединечно испрашувани“ по концертот во Сингапур минатата среда, на кој на крајот од настапот беше истакнато палестинско знаме, додека публиката извикуваше „Слобода за Палестина“, јавува Анадолу.
Во објава на социјалната мрежа Инстаграм вчера, бендот наведе дека по концертот во салата „Стар театар“ биле „изненадени и разочарани“ кога сите членови биле приведени од страна на полицијата, изолирани и поединечно испрашувани, при што кај дел од нив бил извршен претрес на хотелските соби, а пасошите привремено им биле одземени.
Според бендот, голем дел од публиката спонтано извикувала „Слобода за Палестина“ пред почетокот на концертот и повторно на крајот, „очигледно свесна, но не и обесхрабрена од фактот дека таквиот спонтан израз може да ги прекрши законите за цензура во земјата“.
„Од наша страна, не можевме да претпоставиме дека само држењето на знамето на суверена држава призната од 157 земји (Палестина) би можело да претставува прекршување на кој било закон“, се наведува во соопштението.
Полицијата во Сингапур започна истрага против бендот поради „можно прекршување на условите од дозволата“ за одржување на концертот.
Во Сингапур јавното истакнување странски државни знамиња без дозвола или посебно изземање е забрането. За прекршителите е предвидена парична казна до 500 долари, затвор до шест месеци или двете казни истовремено.
Во соопштение објавено во петокот, полицијата наведе дека на членовите на бендот Роберт дел Наја и Грант Маршал им е забранет повторен влез во Сингапур и дека им биле изречени „строги предупредувања“.
„Полицијата сериозно ги сфаќа постапките што можат да ја загрозат расната и верската хармонија во Сингапур и ја повикува јавноста, вклучително и странските државјани, да се воздржи од внесување странски политички прашања, бидејќи тоа може да ја наруши општествената кохезија и владеењето на правото“, се наведува во полициското соопштение.
Од „Масив Атак“, пак, порачаа дека се „горди на овој спонтан чин“ заедно со своите обожаватели во Сингапур, кои, како што наведуваат, „јасно почувствувале морална обврска да покажат солидарност со палестинскиот народ во услови на континуирана нелегална окупација, апартхејд и геноцид“, додавајќи дека им оддаваат признание за нивната храброст.
Бендот изрази надеж дека Сингапур ќе го ратификува Меѓународниот пакт на Обединетите нации за граѓански и политички права и ќе им овозможи на своите граѓани „слободно да ја изразуваат својата совест без страв од државно гонење“.