Muhammed Yasin Güngör
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
Мароко повика на целосно почитување на прекинот на огнот во Појасот Газа, апелирајќи до меѓународната заедница да обезбеди непречено доставување хуманитарна помош низ енклавата, јавува Анадолу.
„Соочено со трагедијата што братскиот палестински народ продолжува да ја трпи, Кралството повторно повикува на почитување на прекинот на огнот во Газа и на внесување хуманитарна помош во Појасот во доволни количества, без пречки или прекини“, изјави мароканскиот министер за надворешни работи Насер Бурита за време на Општата дебата на 81-то Генерално собрание на ОН во Њујорк.
Бурита потврди дека Рабат директно ќе учествува во меѓународните стабилизациски сили за Газа преку распоредување високи офицери во силите за внатрешна безбедност, обука на палестинската полиција, воспоставување воена теренска болница и организирање иницијативи за спротивставување на екстремизмот.
Тој нагласи дека трајниот мир бара воспоставување независна и територијално поврзана палестинска држава врз основа на границите од 1967 година, со окупираниот Источен Ерусалим како главен град, истовремено потврдувајќи ја поддршката на Мароко за Палестинската управа и Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (УНРВА).
Бурита изрази и длабока загриженост поради израелските мерки на окупираниот Западен Брег, предупредувајќи дека законодавството што овозможува одземање земјиште за проширување на окупацијата, заедно со насилството на израелските доселеници врз палестинските цивили, има цел „раселување на населението и поткопување на материјалната основа за воспоставување независна палестинска држава“.
Тој дополнително изрази „длабока загриженост“ поради едностраните израелски дејствија со кои се нарушува светоста на џамијата „Ал Акса“, предупредувајќи дека таквите потези го поттикнуваат екстремизмот низ регионот.
Израелската Армија од октомври 2023 година уби речиси 74.000 Палестинци, а повредени се повеќе од 174.000 во офанзива во која се уништени и околу 90 отсто од инфраструктурата на енклавата.
Израел секојдневно го прекршува договорот за прекинот на огнот откако тој стапи во сила на 10 октомври.