James Tasamba
02 Јули 2026•Ажурирано: 02 Јули 2026
Бројот на смртни случаи од епидемијата на ебола во Демократска Република Конго се искачи над 400 откако во последните 24 часа беа регистрирани речиси 40 нови смртни случаи, според обновените денешни податоци за состојбата на Министерството за здравство, јавува Анадолу.
Бројот на потврдени случаи се искачи на 1.406, вклучително 438 смртни случаи, со стапка на смртност од 31,2% откако беше прогласена епидемија на 15 мај.
Епидемијата е концентрирана во 34 здравствени зони во провинциите Итури, Северен Киву и Јужен Киву.
Министерството соопшти дека сега со вирусот е зафатена и 24. здравствена зона позната како Лолва во провинцијата Итури, епицентар на тековната епидемија.
Најмалку 192 лица се излекувани од вирусот, а 609 пациенти остануваат во изолација или се хоспитализирани.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека бројот на пријавени смртни случаи во Конго веројатно е помал од реалниот бидејќи сè уште се истражуваат многу смртни случаи до кои дошло пред прогласувањето на епидемијата.
Според здравствените власти, несигурноста, раселувањето на населението, отпорот во локалните заедници и притисокот врз здравствените установи се меѓу факторите што го отежнуваат справувањето со еболата од сојот бундибуџо.
Две лица, меѓу кои еден полицаец, беа убиени во вторникот, а еден центар за лекување беше запален по насилството врз телото на маж за кој се смета дека починал од ебола во Итури.
Инцидентот во здравствената зона Нија-Нија на територијата Мамбаса се случи откако дел од луѓето одбиле да им ги предадат останките на лицето за кое постоело сомнение дека починало од ебола на тимовите задолжени за достоинствен и безбеден погреб, според локалните медиуми.
Претседателот на Конго, Феликс Чисекеди, објави план за борба против еболата од 319 милиони долари претходно оваа недела.
Донаторите и партнерските организации ветија 910 милиони долари за поддршка на борбата против еболата во Конго и Уганда, каде што се потврдени 20 случаи, според африканските центри за контрола и превенција на болести.