Şahin Demir
19 Август 2026•Ажурирано: 19 Август 2026
Ирански пратеник изјави дека Техеран би возвратил со исто доколку САД употребат нуклеарно оружје против Иран, коментирајќи ги известувањата во медиумите за можноста од таков напад, јавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Фада Хосеин Малeки, член на Комисијата за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот Парламент, ги даде изјавите во интервју за иранскиот информативен портал „Кабар онлајн“.
Запрашан колку ја смета за веројатна можноста САД да извршат нуклеарен напад врз Иран, Малeки изјави:
„Не исклучувам непромислен потег од страна на (американскиот претседател Доналд) Трамп, но не мислам дека би се осмелил да направи такво нешто бидејќи таквиот потег би можел да го втурне светот во опасна војна.“
„Доколку се преземе таков потег, Исламска Република Иран, исто така, ќе возврати, а нејзиниот одговор ќе биде пропорционален на видот на оружјето употребено против Иран“, додаде тој.
На прашањето дали тоа значи дека Иран би употребил нуклеарно оружје доколку САД го нападнат Иран со такво оружје, Малeки одговори: „Што и да употребат САД, Иран ќе возврати со исто.“
Малеки не изјави експлицитно дека Иран поседува нуклеарно оружје.
Пратеникот, исто така, го предупреди Вашингтон да не презема дополнителни воени дејства, наведувајќи дека Иран располага со „повеќе опции“ и дека секој потег на САД би можел да предизвика одговор „на исто ниво или дури и над тоа“.
„Многу од оружјето и воените капацитети на Иран сè уште не се откриени“, изјави Малеки, тврдејќи дека Техеран преминал од одбранбена позиција кон, како што ја опиша, „активна и офанзивна политика на одвраќање“.
Осврнувајќи се на застојот во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон, Малеки го обвини Трамп дека не ги испочитувал обврските од меморандумот за разбирање меѓу двете страни.
Тој рече дека Иран нема да се врати на преговорите доколку Вашингтон не се придржува кон претходните обврски, додавајќи дека во спротивно прашањата, меѓу кои и Ормускиот Теснец, ќе останат нерешени.
Малеки изјави дека разговорите на Иран со Оман претставуваат посебен билатерален процес, додавајќи дека Техеран го отфрлил учеството на САД во тие разговори.
Иран и САД потпишаа меморандум за разбирање на средината на јуни, со посредство на Пакистан, со цел да се стави крај на нивната војна и да се отвори пат за преговори за конечен договор.
Оттогаш преговорите се во застој поради несогласувањата околу спроведувањето на меморандумот, вклучително и за прашања поврзани со Ормускиот Теснец.
Најновите тензии настанаа по неколкумесечните непријателства откако САД и Израел на 28 февруари извршија заеднички напади врз Иран, што го поттикна Техеран да возврати со напади врз американски и израелски цели, како и американски средства низ регионот.