Lina Altawell
28 Јули 2026•Ажурирано: 28 Јули 2026
Израелско беспилотно летало денес погоди стан во Набатије ал-Фавка во Јужен Либан, а армиските сили продолжија да уриваат згради во пограничните градови и покрај рамковниот договор постигнат со посредување на САД, соопштија либанските медиуми, пренесува Анадолу.
Беспилотното летало изврши два последователни напади врз дел на Набатие ал-Фавка, предизвикувајќи пожар во еден стан, објави државната новинска агенција ННА.
Засега нема информации за повредени лица.
Според агенцијата, експлозии се слушнале и во градот Тир, а израелските сили минирале и уривале згради во пограничните градови Мајдал Зун, Ал-Мансури и Бинт Џбеил.
Израелската армија предизвикала и голема експлозија во селото Ал-Кусаир во Набатие, соопшти ННА.
Инцидентите се случуваат и покрај рамковниот договор потпишан минатиот месец меѓу Тел Авив и Бејрут со американско посредување, кој предвидува фазно израелско повлекување од целата окупирана либанска територија.
Договорот не вклучува временска рамка за повлекување, туку завршувањето на процесот го поврзува со преземањето целосна безбедносна одговорност од страна на либанската армија во областите што ги напуштија израелските сили и со разоружувањето на вооружените групи, вклучително и Хезболах.
Според официјалните либански податоци, во израелските напади врз Либан од 2 март се убиени 4.332 луѓе, а повредени се 12.236.
Израел продолжува да окупира делови од Јужен Либан, некои од нив ги држи со децении, а други се заземени за време на претходната војна меѓу октомври 2023 и ноември 2024 година.